среда, септември 23, 2026
Дома СВЕТ Харви Вајнстин осуден, жртвата порача: Доживотна казна

Харви Вајнстин осуден, жртвата порача: Доживотна казна

0
EPA/BARRY WILLIAMS

Поранешниот холивудски продуцент Харви Вајнстин (74) денеска во Њујорк беше осуден на 15 години затвор за сексуален престап против поранешната асистентка во продукција, Миријам Хејли, со што се стави крај на кривичната постапка против него во таа американска сојузна држава.

Според „Њујорк тајмс“, Вајнстин минатата година беше прогласен за виновен за извршување сексуален престап врз Хејли во спалната соба од неговиот стан во њујоршката населба Сохо, во 2006 година.

Канцеларијата на окружниот обвинител на Менхетен бараше затворска казна од 20 години, додека одбраната предложи девет години.

Хејли (49), родена во Финска и израсната во Шведска, претходно работела како продуцент во индустријата за забава, а сега работи во областа на рекламирањето, таа го запознала Вајнстин преку заеднички познаник и кратко време работела како асистент во продукцијата на реалното шоу „Project Runway“, чиј продуцент бил тој.

Таа сведочеше дека во 2006 година ја прифатила поканата да го посети неговиот стан на Менхетен бидејќи следниот ден требало да отпатува за Лос Анџелес на филмска премиера – на трошок на неговата компанија – но по краткиот разговор на каучот, Вајнстин се обидел да ја бакне, а потоа ја повлекол кон спалната соба и покрај нејзините противења и сексуално ја нападнал.

Хејли исто така изјави дека по една од нивните средби, Вајнстин ја прашал: „Зар не мислиш дека сега сме многу поблиски?“, додека по една подоцнежна сексуална средба – која таа ја опиша како несакана, но не и изнудена со сила – таа му рекла: „Знаеш дека не можеш да продолжиш да го правиш ова“.

Пред изрекувањето на пресудата, Хејли изјави дека сексуалниот напад имал поразително влијание врз нејзиниот живот и чувството на сигурност – влијание што можеби никогаш нема да исчезне – додавајќи дека одлуката јавно да проговори значи оти веројатно со години ќе мора да живее во страв и постојана претпазливост.

„За мене, ова е доживотна казна“, рече Хејли, додавајќи дека самиот процес на барање одговорност дополнително ја трауматизирал и дека често размислувала да се откаже од борбата за правда.

ИЗДВОЕНИ