Голема бура го тресе светското скијање само неколку дена пред претседателските избори во ФИС. Најголемите ѕвезди на спортот отворено го нападнаа актуелниот претседател Јохан Елијаш, обвинувајќи го за недостаток на транспарентност, неисполнети ветувања и сомнително управување со финансиските средства.

Прв се огласи најдобриот скијач на денешницата, Марко Одермат, кој без двоумење порача дека сака промени на врвот на организацијата.

  • Немам ништо лично против Елијаш, но тој не ги исполни своите ветувања. Потребен ни е претседател кој ќе работи повеќе за скијањето, а помалку за себе, изјави Швајцарецот.

Набрзо поддршка доби и од својот сонародник Лоик Мејар, како и од американската суперѕвезда Микаела Шифрин. Тие јавно го критикуваа раководството на ФИС, истакнувајќи дека спортистите премногу често добиваат нејасни одговори и ветувања кои никогаш не се реализираат.

Особено загрижувачки се финансиските бројки кои ги изнесе Мејар. Кога Елијаш ја презеде функцијата во 2021 година, ФИС располагал со околу 130 милиони швајцарски франци. Денес на сметките останале помалку од 42 милиони.

Тоа отвора прашање каде завршиле речиси 87 милиони франци во изминатите пет години.

Според критичарите, тие средства не се вложени во подобри услови за спортистите, ниту во подобрување на организацијата на натпреварите. Мејар посочува дека патеките и хотелското сместување не покажуваат значителен напредок, и покрај големите финансиски трошоци.

Дополнително незадоволство предизвикува фактот што ветеното зголемување на наградните фондови сè уште не е реализирано. Наместо тоа, спортистите добиваат исплати во евра наместо во швајцарски франци, што според нив значи и помала заработка.

Шифрин не ја криеше фрустрацијата и порача дека спортистите заслужуваат поголема почит, транспарентност и чесност од луѓето кои го водат спортот.

Во меѓувреме, притисокот врз Елијаш расте од ден на ден. Швајцарија и Австрија веќе работат на формирање блок кој би можел да го спречи неговиот нов мандат.

Сите погледи сега се насочени кон Белград, каде на 11 јуни ќе се одржат изборите за нов претседател на ФИС. Исходот може да донесе една од најголемите промени во светското скијање во последната деценија.

ИЗДВОЕНИ