
Судот утврди дека Тачи и другите команданти се виновни за мачење на 303 луѓе и малтретирање на 348. Исто така, констатира дека меѓу април 1998 година и 20 јуни 1999 година, во 12 општини во Косово и во една област на север од Албанија, членовите на ОВК свесно направиле или не направиле работи што предизвикале смрт на најмалку 96 луѓе кои не учествувале активно во непријателствата. Тачи е ослободен од обвиненијата за прогон, затворање и други нехумани дела, тортура, убиства и присилно исчезнување на лица, како и за злосторства против човештвото. Судијата Смит уште на почетокот нагласи дека судењето не е за ОВК и за легитимитетот на нејзината борба. Оваа пресуда е во прв степен, па осудените имаат право на жалба. Додека судијата ја изрекуваше пресудата што доаѓа по три години судење, Албанците ги славеа Тачи и другите команданти на ОВК на собири и низ Косово и во Хаг, а реакции имаше и од Македонија и Албанија
Поранешните водачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК) Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Кадри Весељи и Реџеп Сељими се прогласени за виновни за воени злосторства во Косово и северна Албанија во 1998 и 1999 година, на денешното судење во Хаг пред Специјализираните совети на Косово. Пред самото изрекување на пресудата, претседателот на судскиот совет на Специјализираните совети на Косово, Чарлс Смит, разјасни дека судењето не е за ОВК и за легитимитетот на нејзината борба, туку за конкретни злосторства што ги извршиле четворицата обвинети.
Тачи доби единствена казна затвор од 25 години, во кој се пресметуваат и трите години поминати во затвор. Тој е осуден на 15 години затвор за воено злосторство незаконско лишување од слобода, 4 години за воено злосторство сурово постапување, 20 години за воено злосторство тортура и 23 години за воено злосторство убиство. Од друга страна, Тачи е ослободен од обвиненијата за прогон, затворање и други нехумани дела, тортура, убиства и присилно исчезнување на лица, како и за злосторства против човештвото. Но, него го чека и посебно судење по обвиненија за попречување на правдата.
Другите тројца поранешни водачи на ОВК добија вкупно 56 години затвор. Јакуп Красниќи е осуден на 25 години, Кадри Весељи на 18 години, а Реџеп Сељими на 13 години.
– Советот заклучи дека сите четворица обвинети сносат кривична одговорност за воените злосторства произволно лишување од слобода, сурово постапување, тортура и убиство, кажа Смит додавајќи дека никој од обвинетите не можел сам да ги изврши злосторствата, туку дека тоа го правеле со други.
Објасни дека тие си доделувале улоги себеси и на другите – титули и позиции од кои го контролирале спроведувањето на заедничка казнива цел, со што создале политика на целосна неказнивост за казниви дела, а секој од обвинетите придонел за спроведување на казнивата цел. Сепак, Тачи одиграл клучна улога во формулирањето и спроведувањето на заедничката казнива цел, што вклучувало насочени напади врз „соработници“. Покрај тоа, тој лично учествувал во кривични дела. Судскиот совет, исто така, заклучи дека во 14 општини во Косово и во две области на север од Албанија, членовите на ОВК произволно лишиле од слобода најмалку 385 луѓе кои не учествувале активно во непријателствата. Смит рече дека многу жртви биле тепани, навредувани, со заврзани очи, раце и нозе, а нивните лични работи биле одземани. За нив, посочи тој, нема убедливи докази дека соработувале со Србите, поради што ОВК ги лишила од слобода.
– Сите случаи вклучувале членови на ОВК, кои држеле затвореници во објекти на ОВК, ги нарекувале шпиони и соработници, ги злоупотребувале, а во некои случаи ги убивале, рече Смит.
Злосторства против Срби, Роми и косовски Албанци
Зборувајќи за точките на обвинението за малтретирање и тортура, тој објасни дека е утврдено дека 348 луѓе биле малтретирани, а 303 биле мачени. Тој истакна дека некои членови на ОВК редовно ги клоцале и постојано ги тепале затворениците удирајќи ги со разни предмети, додека некои затвореници биле обесени за нозете и тепани додека виселе со главите надолу. Некои од нив починале од мачењето. Исто така, констатирано е дека меѓу април 1998 година и 20 јуни 1999 година, во 12 општини во Косово и во една област на север од Албанија, членовите на ОВК свесно направиле или не направиле работи што предизвикале смрт на најмалку 96 луѓе кои не учествувале активно во непријателствата.
Телата на многу од жртвите биле пронајдени во состојба што претставува дополнителна повреда на личното достоинство. Судот утврди дека од април 1998 година до август 1999 година, членовите на ОВК извршиле акти на насилство и злоупотреба врз населението низ целото Косово и во северна Албанија, но не го докажал сомнението дека нападот бил насочен кон цивилното население. Како што изјави Смит, станува збор за злосторства против Срби, Роми и косовски Албанци и додаде дека судењето на четворицата водачи на ОВК се водело со постојано заплашување на сведоците.
Денешниот ден не го означи крајот на постапката против Тачи и другите команданти на ОВК, бидејќи пресудата е во прв степен, па осудените имаат право на жалба.
Протести
Додека судијата ја изрекуваше пресудата што доаѓа по три години судење, Албанците ги славеа Тачи и другите команданти на ОВК на собири и низ Косово и во Хаг. Во Хаг, судот цело време беше под силно полициско обезбедување, откако уште од вчера пред него почнаа да пристигнуваат Албанци од различни делови на Европа.
Изрекувањето на пресудата се пренесуваше во живо во Приштина, додека поддржувачите на ОВК држеа транспарент со поддршка за членовите на ОВК на кои им се суди во Хаг. И во јавен парк во Хаг имаше пренос во живо од судењето, а по пресудата имаше судири меѓу поддржувачите на ОВК и полицијата, која во еден момент мораше да употреби солзавец.
Четворицата обвинети уживаат статус на национални херои во Косово, а ОВК и Тачи се сметаат за симболи на движењето за независност. Тачи остана централна политичка фигура и по војната и одигра клучна улога во прогласувањето на независноста на Косово од Србија во 2008 година.
Реакции
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, веднаш реагираше по пресудата за Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Кадри Весели и Реџеп Селими, која ја нарече неправедна и длабоко разочарувачка. Додаде дека не треба да се дозволи создавање тензии и поделби, ниту, како што наведе, да се оцрни борбата за ослободување на народот во Косово. Според него, УЧК настанала како одговор на угнетувањето и се борела за слободата на Косово. Ахмети посочува дека некогашните тврдења за трговија со органи, кои со години ја оптоварувале УЧК и нејзините раководители, не станале обвиненија во овој процес, истакнувајќи дека Судот ги ослободил обвинетите од обвиненијата за злосторства против човештвото. Тој изрази уверување дека овие обвиненија ќе бидат отфрлени во понатамошната судска постапка.
На пресудата реагираше и албанскиот премиер Еди Рама, кој во повеќе наврати го критикуваше судењето како неправедно. Тој на „Фејсбук“ објави слика на бодликава жица преку карта на Европа и напиша само еден збор: „Срам“.











