Недвижен имот во вредност од 335.707 евра понудил како гаранција Артан Груби, второобвинет во предметот „Државна лотарија“, со која, преку неговиот адвокат, бара укинување на мерката на претпазливост – да му се врати пасошот и да му се симне забраната за преминување на државната граница , која пак, во 2024 ја помина со дипломатско возило бегајќи од кривичната истрага за злоупотребите во Лотарија.
Основниот кривичен суд Скопје соопшти дека предлогот на одбраната е доставен согласно член 150 од Законот за кривичната постапка, а понудената гаранција е недвижен имот проценет на 335.707 евра. Предлогот веќе е доставен на мислење до надлежното јавно обвинителство. Откако ќе пристигне мислењето, за него ќе одлучува Кривичниот совет, велат од судот. Во меѓувреме, се приближува денот , а тоа е 13 октомври, кога Груби по закон излегува од куќен притвор.
-Обвинителниот предлог, по кој е заведен кривичниот предмет, е поднесен на 13 август 2026 година. Согласно член 470, од Законот за кривичната постапка, притворот може да трае најдолго 60 дена од денот на поднесувањето на обвинителниот предлог. Заради тоа, како што беше посочено и претходно, а истото беше потенцирано и од страна на судијата кој постапува по предметот, по сила на Законот, мерката куќен притвор за овој обвинет истекува на 13 октомври 2026 година, објаснуваат од Кривичниот суд и нагласуваат дека и натаму останува на сила мерката на претпазливост, привремено одземен пасош. Обвинетиот, кој е поранешен висок функционер во ДУИ, со имот гарантира дека нема повеќе да бега.
Интересно е што недвижноста од 335.707 евра, која одбраната сега ја нуди како гаранција за достапноста на Груби во постапката, е повисока од вредноста на имотот што тој ја пријавувал во анкетниот лист како јавен функционер. Во последниот анкетен лист што го поднел како вицепремиер, Груби пријавил само три ставки: стан во Скопје со површина од 115 метри квадратни, автомобил марка „цитроен ксара“ и приходи од пријавен прилив од продажба на друг дел од стан.
Во февруари 2023 година, ДКСК отвори предмет за дополнително „чешлање“ на неговиот имот. Ова следуваше откако тогашната опозиција јавно обвини дека неговото потесно семејство купувало луксузни деловни објекти во Скопје по цени од 700 евра за квадрат, што беше оценето како пет пати пониско од реалната пазарна вредност.
На почетокот на судскиот процес за случајот „Државна лотарија“, Груби пред судот официјално се изјасни дека моментално е невработен, но потврди дека сè уште поседува имот на свое име. Судењето за „Државна лотарија“ се однесува на наводна злоупотреба на службената положба и овластување, со која, според обвинението, била предизвикана штета од околу 9,7 милиони евра. Груби и останатите обвинети се изјаснија дека не се виновни. (П.А.)












