вторник, ноември 24, 2026
Дома МАГАЗИН „Тајдл“ воведува забрана за музика генерирана од вештачка интелигенција

„Тајдл“ воведува забрана за музика генерирана од вештачка интелигенција

0

Сервисот за стриминг на музика „Тајдл“ објави дека, почнувајќи од 9 декември, ќе започне со отстранување на песните за кои е утврдено дека се целосно генерирани од вештачка интелигенција (ВИ). Со ова, „Тајдл“ станува првиот голем сервис за стриминг на музика што воведува целосна забрана за ваквите нумери.

Оваа одлука доаѓа речиси пет месеци откако „Тајдл“ најави дека ќе ја укине можноста за остварување заработка од песни создадени со помош на вештачка интелигенција, ќе бара од изведувачите да обелоденат дали нивните нумери се генерирани или создадени со помош на технологија за вештачка интелигенција, и ќе ги забрани песните поврзани со „измамнички активности“ – вклучително и лажно претставување како познати уметници и обиди за доведување на слушателите во заблуда.

Роберт Андерсон, раководител во компанијата Block (матичната компанија на „Тајдл“), изјави дека дури 43 отсто од музиката дистрибуирана на платформата во текот на последните 90 дена е идентификувана како содржина генерирана од вештачка интелигенција.

„Но, доста е. Мора да се преземат подрастични мерки. Ќе започнеме со отстранување на сите песни што се целосно генерирани од вештачка интелигенција од нашиот каталог, а до почетокот на годината, тие целосно ќе исчезнат“, напиша Андерсон.

Според него, дури 96 отсто од сите песни генерирани од вештачка интелигенција немаат ниту едно слушање (стрим). Како резултат на оваа одлука, од каталогот ќе бидат отстранети приближно 29 милиони песни, додека Tidal во иднина ќе одбива меѓу 80.000 и 85.000 песни дневно.

„Ги повикуваме и другите во индустријата да го сторат истото“, напиша Андерсон.

Потегот на „Тајдл“ доаѓа во време кога конкурентите Spotify и Apple Music, исто така, бараат начини за справување со растечкиот број на песни генерирани од вештачка интелигенција.
„Епл мјузик“ најави дека ќе започне со означување на песните што се генерирани или создадени со помош на технологија за вештачка интелигенција, додека Spotify изјави дека изведувачите кои се сметаат за креации на вештачката интелигенција ќе ги означува како „AI Persona“ (ВИ-личност).

Минатиот месец, „Спотифај“ исто така откри дека оваа година отстранил 50 милиони песни – класифицирани како „ѓубре“ (junk) или спам генериран од вештачка интелигенција – од препораките за корисниците, покрај тоа што претходно веќе имаше отстрането 75 милиони такви нумери целосно од својот каталог. „Работата сè уште не е завршена. Вештачката интелигенција (ВИ) брзо се развива, а оние што ја злоупотребуваат оваа технологија се прилагодуваат исто толку брзо. Сепак, бидејќи ВИ ја прави музиката сè подостапна, веруваме дека слушателите уште повеќе ќе ја ценат човечката уметност. Наша задача е да се погрижиме Spotify да остане место каде што тие ќе можат да ја најдат“, изјавија од „Спотифај“ (Spotify).

ИЗДВОЕНИ