Инцидентот се случил на летот JU634 од Белград кон Мостар, додека повратниот лет, JU635 – кој требало да полета од Мостар во 15:15 часот – е откажан.
Марко Ѓузел, директор на Аеродромот Мостар, за порталот „Херцеговина инфо“ потврди дека екипажот пријавил удар од гром при слетувањето и дека авионот ќе биде подложен на проверка пред да се врати во Белград.
„Ќе се вратат утре, откако ќе заврши проверката на леталото. Тие го пријавија инцидентот при слетувањето. Авионите се опремени со заштита од удари на гром, но од претпазливост ќе бидат извршени сите неопходни проверки. Додека се заврши сè, ќе биде предоцна, па затоа ќе полетаат утре наутро“, изјави Ѓузел.
Од авиокомпанијата потврдија дека до ударот од гром дошло поради лошите временски услови, но не наведоа дали авионот претрпел некакви оштетувања.
Се очекува авионот да се врати во Белград во сабота, по завршувањето на проверките.
За патниците од откажаниот лет е обезбеден алтернативен превоз.












