петок, ноември 20, 2026
Дома БАЛКАН Трамп најави строги мерки против американски компании што градат центри за ВИ...

Трамп најави строги мерки против американски компании што градат центри за ВИ во странство

0

Американскиот претседател Доналд Трамп најави високи даноци за американските компании што градат центри за податоци во странство – потег што доаѓа во момент кога во Топуско, Хрватска, се подготвува проект за центар за податоци вреден над 50 милијарди евра, во кој се вклучени американски инвеститори.

„Нема да дозволиме нашите компании да градат центри за податоци надвор од нашата земја“, изјави Трамп на прес-конференција во Белата куќа по враќањето од турнејата низ Азија, најавувајќи воведување „огромен данок“ за компаниите што градат такви објекти во странство.

Трамп изјави дека целта на оваа мерка е да се зајакне конкурентноста на американскиот сектор за вештачка интелигенција во однос на Кина, иако не даде детали за нејзиното спроведување.

Оваа најава доаѓа во време кога во Хрватска се подготвува изградбата на центарот за развој и иновации во областа на вештачката интелигенција „Пантеон“ во Топуско – проект чија вредност се проценува на повеќе од 50 милијарди евра.

Договор за соработка за овој проект беше потпишан во април, за време на самитот на Иницијативата „Три мориња“ во Дубровник, од страна на Иван Цељак (жупан на Сисачко-мославинската жупанија), хрватскиот претприемач Јако Андабак и Рајан Рич, извршен директор на американската компанија „Пантеон Атлас“ (Pantheon Atlas LLC). Хрватската компанија „Кончар“ исто така потпиша писмо за намери со американската фирма, пренесува хрватски „Индекс“.

Проектот опфаќа изградба на центар за податоци со капацитет од еден гигават. Почетокот на изградбата е планиран за 2027 година, а се очекува центарот да започне со работа во 2029 година. Американската амбасадорка во Хрватска, Никол Мекгроу, го опиша проектот како најголема инвестиција во хрватската историја и најави дека, по неговото завршување, се очекува доаѓање и на други американски компании.

Центрите за податоци се од суштинско значење за развојот на вештачката интелигенција бидејќи обезбедуваат компјутерски капацитети неопходни за развој и функционирање на сè посложени системи. Воведувањето дополнителни даноци би можело да ја попречи глобалната експанзија на ваквата инфраструктура.

Неколку големи американски компании, меѓу кои „Еквиникс“ (Equinix) и „Диџитал Риалти“ (Digital Realty), градат и управуваат со центри за податоци во други земји. Овие центри често се градат во близина на корисниците за да се намали доцнењето при обработката на податоци – особено кај услугите каде што времето е од клучно значење, како што е обработката на плаќања. Преносот на големи количества податоци на долги растојанија може значително да ги зголеми трошоците.

Иако Трамп силно се залага за изградба на центри за податоци во рамките на Соединетите Држави, ваквите проекти често наидуваат на отпор од локалните заедници поради големата потрошувачка на електрична енергија, потенцијалното зголемување на трошоците за енергија и други влијанија врз животната средина.

ИЗДВОЕНИ