Иран е подготвен да води разговори на експертско ниво со Соединетите Држави во врска со отворањето на Ормускиот теснец и е отворен за скратување на временската рамка за спроведување на својот план; сепак, очекува Вашингтон да покаже подготвеност за постигнување договор, изјави иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи.
Коментирајќи ја изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека на Вашингтон не му е потребен договор со Техеран, Арагчи истакна дека Иран не добил никаков одговор од САД. Според него, Техеран бара од Вашингтон јасно да ја изрази својата желба за договор и да предложи мерки насочени кон градење заемна доверба.
„Доколку ги исполнат овие два услови, ние сме подготвени да разговараме за овој план и неговото спроведување со американската страна. Нашето барање е јасно: седумте услови што ги поставивме мора да бидат исполнети за да се отвори Ормускиот теснец. Се разбира, доколку Американците имаат свои предлози и визија за тоа како би можеле да се спроведат овие услови, ние сме отворени за дијалог“, рече Арагчи во интервју за иранскиот весник „Иран“.
Тој посочи дека Техеран и Вашингтон би можеле да разговараат за тоа како различните прашања би можеле да бидат формулирани во официјални документи и како да се постигне договор прифатлив за двете страни.
Арагчи додаде дека за Иран е неважно дали рокот за исполнување на условите ќе се скрати од два дена на еден ден, па дури и на два часа; единствен приоритет е барањата да бидат исполнети. „Доколку се исполнат овие услови, Ормускиот теснец ќе биде отворен. Дури и ако постои потреба да се разговара за деталите и спроведувањето на овие услови, ние сме подготвени да водиме преговори на експертско ниво“, изјави иранскиот министер за надворешни работи.
Според актуелниот ирански предлог, пловниот пат би се отворил за сообраќај дента откако САД ќе ги исполнат барањата на Техеран, при што преговорите би започнале истиот тој ден. Меѓу барањата е и укинувањето на најновите рестриктивни мерки на САД против Иран.
Арагчи напомена дека Меморандумот од Исламабад предвидувал преговорите меѓу Иран и САД да започнат 60 дена по неговото спроведување. Иако тој меморандум веќе не е на маса, неговите принципи би можеле да послужат како основа за евентуален договор меѓу двете земји.












