Јубилејното 70. издание на годинашниот Евросонг ќе се одржи во Виена, на 12, 14 и 16 мај. Настанот ќе се реализира во гламурозната сала „Винер штатхале“, која веќе беше домаќин на натпреварот во 2015 година, кога пред тоа победи контроверзната Кончита (девојка со брада). Оваа сала има капацитет за околу 16.000 посетители.
По официјалниот церемонијал, отворањето ќе го означи и многу познатата грчка пејачка Вики Леандрос, со песната “По тебе“. Има причина за тоа. Во 1972 година, на натпреварот во шкотскиот град Единбург, таа победи со таа убавата песна „По тебе“. Тогаш, иако е Гркинка, го претставуваше Луксембург и пееше на француски јазик. Сè уште згодна, 72-годишната Леандрос ќе го обележи годинашниот настап во Виена и со победничка евровизиска песна ,но и со песната “Љубовта е сина“.
За потсетување, таа година популарната Тереза Кесовија ја претставуваше Југославија со познатата песна „Музика и ти“ и го освои деветтото место, што беше одлична златна средина, од вкупно 18. земји учеснички.
Според пишувањата на грчките и австриските весници, Вики Леандрос е мошне добро познато име во историјата на евровизиските фестивали на кои дури двапати настапи под знамето на Луксембург. Во текот на својата кариера, таа има продадено повеќе од 55 милиони плочи, вклучувајќи албуми и синглови, и има снимено музика на повеќе светски јазици. Поради тоа, се смета за една од најуспешните учеснички во историјата на фестивалот. Нејзиното прво пеење на Евровизија беше во 1967 година, токму во Виена. Тогаш го освои четвртото место со песната „Љубовта е сина“. Неколку години подоцна, во 1972 година, му донесе победа на Луксембург со песната „По тебе“.
– Пресреќна сум што се враќам во Виена, местото каде што започна сè со мојот прв настап на Евровизија – изјави пејачката пред грчките новинари. (Д. М.)












