Екипата на ГРК Охрид покажува уште поголеми амбиции за наредната сезона, за што најдобро зборуваат засилувањата што пристигнуваат како на трака во последно време. Најново засилување е српскиот репрезентативец Никола Зечевиќ (24). Станува збор за лев бек што пристигнува од Партизан и претставува четврто ново име во составот на тренерот Борис Ројевиќ.
Зечевиќ изјави дека лесно ја донел одлуката да потпише за Охрид, нагласувајќи дека амбициите на клубот и одличната соработка со Ројевиќ биле пресудни за трансферот.
- Со нетрпение го очекувам првиот настап во дресот на Охрид. Едвај чекам да заиграм пред охридската публика, која прави неверојатна атмосфера и се надевам дека ќе ги оправдам очекувањата – порача српскиот ракометар.
Пред него, охридскиот клуб веќе ги ангажираше Мартин Карапалевски, Дино Славниќ и Доминик Мате.
Во меѓувреме, Европската ракометна федерација ги потврди и термините за финалето во ЕХФ Европскиот куп, каде што Охрид ќе се бори за европскиот трофеј против Татабања.
Првиот финален натпревар ќе се игра на 24 мај со почеток во 17:00 часот, во Татабања, додека реваншот е закажан за 31 мај од 20:00 часот, во салата „Билјанини Извори“ во Охрид.
Во Охрид владее голема еуфорија, а клубот, очигледно, паралелно работи и на европскиот успех и на создавањето уште посилен тим за во иднина.











