Според анализата на податоците, 2025 година донела највисок пријавен доход досега, со раст од над 1,2 милијарди евра во споредба со претходната година, што се одразило и врз зголемената наплата на данокот на личен доход. Истовремено, бројките покажуваат дека голем дел од граѓаните и натаму не ја користат можноста лично да ги проверат и потврдат своите годишни даночни пријави, иако токму тој увид може да спречи евентуални грешки и дополнителни даночни обврски

 

Заврши годишното оданочување на граѓаните за 2025 година, а податоците на Управата за јавни приходи покажуваат значителен раст и на пријавените приходи и на пресметаниот данок на личен доход во однос на претходната година.

Во годишните даночни пријави (ГДП) за 2025 година е пријавен вкупен оданочив доход од 612,87 милијарди денари (околу 9,97 милијарди евра), додека пресметаниот данок на личен доход достигнува 39,82 милијарди денари (околу 647,4 милиони евра). За споредба, во 2024 година биле пријавени 538,74 милијарди денари (околу 8,76 милијарди евра), а пресметаниот данок изнесувал 34,96 милијарди денари (околу 568,5 милиони евра).

Тоа значи дека за една година, вкупниот пријавен доход е зголемен за 74,1 милијарда денари (околу 1,21 милијарда евра), додека приходите од данок на личен доход се повисоки за 4,86 милијарди денари (околу 79 милиони евра).

Најголемиот дел од пријавениот доход и натаму доаѓа од работниот однос, што потврдува дека платите остануваат доминантен извор на приходи кај граѓаните. По оваа основа, граѓаните имаат пријавено 458,57 милијарди денари (околу 7,46 милијарди евра), а пресметаниот данок на личен доход изнесува 28,46 милијарди денари (околу 462,8 милиони евра).

Втора по големина категорија се приходите од капитал, каде што е пријавен доход од 24,57 милијарди денари (околу 399,5 милиони евра), при што пресметаниот данок достигнува 2,45 милијарди денари (околу 39,8 милиони евра). Значителен удел има и доходот од продажба на сопствени земјоделски производи, кој изнесува 22,3 милијарди денари (околу 362,6 милиони евра), со пресметан данок од 437,4 милиони денари (околу 7,1 милион евра).

Од добивките од игри на среќа, граѓаните имаат пријавено 11,11 милијарди денари (околу 180,7 милиони евра), а по оваа основа се пресметани 1,4 милијарди денари (околу 22,8 милиони евра) данок. Следуваат приходите од закуп и подзакуп со 9,84 милијарди денари (околу 160 милиони евра) и данок од 872,7 милиони денари (околу 14,2 милиони евра), како и категоријата „друг доход“, каде што се пријавени 9,55 милијарди денари (околу 155,3 милиони евра), со пресметан данок од 861,9 милиони денари (околу 14 милиони евра).

Кај приходите од самостојна дејност е евидентиран доход од 5,51 милијарда денари (околу 89,6 милиони евра), при што пресметаниот данок изнесува 496,5 милиони денари (околу 8,1 милион евра). Приходите од авторски права достигнуваат 4,71 милијарда денари (околу 76,6 милиони евра), со пресметан данок од 347,1 милион денари (околу 5,6 милиони евра).

Од капитални добивки се пријавени 1,95 милијарди денари (околу 31,7 милиони евра), за кои е пресметан данок од 177,1 милион денари (околу 2,9 милиони евра). Доходот од осигурување изнесува 1,04 милијарди денари (околу 16,8 милиони евра), со данок од 99,7 милиони денари (околу 1,6 милиони евра), додека најмал удел во вкупниот пријавен доход имаат приходите од права од индустриска сопственост – 61,9 милиони денари (околу 1 милион евра), за кои е пресметан данок од 5,6 милиони денари (околу 90,9 илјади евра).

Управата за јавни приходи годинава има генерирано 863.100 годишни даночни пријави, од кои 704.443 се достапни на корисничките профили во системот е-Даночни услуги. Другите се однесуваат на граѓани што сè уште немаат активирано кориснички профил, поради што не може да извршат увид во својата пријава.

Од достапните пријави, само 26.653 се лично потврдени од даночните обврзници, додека 1.145 се коригирани и се во постапка на разгледување. Дури 676.645 пријави се службено потврдени од УЈП, што укажува дека голем дел од граѓаните воопшто не ги провериле податоците во своите даночни пријави.

Во УЈП предупредуваат дека пријавите се генерираат врз основа на податоците што ги доставуваат исплатувачите на приходи, па доколку постојат пропусти или неточност, тие може да бидат забележани единствено доколку граѓанинот ја прегледа пријавата.

Статистиката покажува дека 313.519 даночни обврзници имаат повеќе платен данок и право на поврат, додека 208.857 граѓани треба да доплатат данок. Кај 182.067 пријави нема разлика меѓу пресметаниот и уплатениот данок. Вкупниот износ за доплата достигнува 208,98 милиони денари (околу 3,4 милиони евра), додека повеќе платениот данок изнесува 53,91 милион денари (околу 877 илјади евра). Сепак, само 617 даночни обврзници поднеле барање за враќање на повеќе платениот данок, во вкупен износ од 32,4 милиони денари (околу 527 илјади евра).

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ