Инвестициите во хидроелектраните значат поголемо домашно производство на електрична енергија, поголема енергетска сигурност и помала зависност од увоз, порача министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, при посетата на хидроелектраната „Глобочица“. Таа, заедно со директорот на подружницата ХЕС „Црн Дрим“, д-р Гоце Божиновски, изврши увид во работењето на еден од најзначајните хидроенергетски капацитети во државата. На средбата се разговараше за производствените резултати, реализацијата на планот за производство, тековното и инвестициското одржување, како и за следната фаза од ревитализацијата на хидроелектраните „Глобочица“ и „Шпилје“.

Особено охрабрува податокот дека „Глобочица“ веќе реализирала околу 80 проценти од годишно планираното производство. Само во првата половина од годинава, во македонскиот електроенергетски систем испорачала 120 GWh електрична енергија, што е речиси 19 проценти повеќе од планираното.

– Овие резултати покажуваат дека кога се инвестира во домашните производствени капацитети, државата добива поголема сигурност, стабилност и сопствено производство на електрична енергија. Наш приоритет останува модернизацијата на постојните капацитети, затоа што тие се темел на сигурен и одржлив енергетски систем – истакна министерката Божиновска.

На средбата беше презентирана и третата фаза од ревитализацијата на ХЕС „Црн Дрим“, која почнува ова лето. Најголемиот дел од инвестициите ќе бидат насочени кон хидроелектраните „Глобочица“ и „Шпилје“, каде што се предвидени капитални зафати: замена на генератори, ротори, лежишта и блок-трансформатори, модернизација на хидромеханичката опрема и други активности што ќе ги зголемат сигурноста, ефикасноста и работниот век на постројките.

Паралелно се разработуваат и нови развојни проекти, меѓу кои „Глобочица 2“, „Шпилје 2“, пловечка фотоволтаична електрана на акумулацијата „Шпилје“, модернизација на регулацискиот систем за автоматска контрола на испустот и далечинско управување со нивото на Охридското Езеро и реката Црн Дрим, како и други проекти што ќе придонесат за зголемување на домашното производство на чиста енергија.

ХЕЦ „Глобочица“, пуштена во употреба во 1965 година, повеќе од шест децении претставува еден од столбовите на македонската електроенергетика. Од почетокот на работата до денес, има произведено над 10.500 GWh електрична енергија, а преку досегашните ревитализации, нејзината инсталирана моќност е зголемена од 34,5 MW на 42,5 MW.

– Хидроелектраните се наша домашна, чиста и стратешка енергија. Тие ја намалуваат зависноста од увоз, обезбедуваат стабилно производство и претставуваат еден од најсилните столбови на зелената енергетска транзиција. Затоа продолжуваме со инвестиции што ќе обезбедат овие капацитети сигурно да произведуваат и во следните децении – порача Божиновска.

 

 

ИЗДВОЕНИ