Скопскиот аеродром добива нов залет со проширувањето на базата на „Визер“, која носи повеќе летови и нови европски дестинации. Порастот на бројот на патници покажува дека воздушниот сообраќај во Македонија влегува во нова фаза на развој. Со седмиот авион, земјава се приближува до целта од четири милиони патници годишно, а придобивките се очекуваат и во туризмот, бизнисот и во економијата. Од ТАВ Македонија и „Визер“ најавуваат продолжување на трендот на отворање нови линии и уште подобро поврзување со Европа

Скопскиот аеродром продолжува да расте и да добива сè поголемо значење на европската авионска карта. Нискобуџетната авиокомпанија „Визер“ ја прошири својата база во Скопје со уште еден авион, со што бројот на авиони стационирани во главниот македонски град достигна седум. Новиот авион е уште една потврда дека Македонија станува важна точка во мрежата на „Визер“, а скопскиот аеродром се позиционира меѓу најголемите бази на компанијата во Европа.
Како што беше истакнато на промоцијата на дополнителниот авион, доаѓаат и нови можности за патниците – повеќе летови, повеќе избор на дестинации и полесно патување до европските градови. Само во изминатиот период, „Визер“ ги отвори новите авиолинии до Палермо и Алгеро во Италија, дестинации кои веќе предизвикаа интерес кај македонските патници. Палермо, сместен на островот Сицилија, и Алгеро, на Сардинија, се нови можности за оние што сакаат одмор, туризам и полесен пристап до италијанските региони.

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, оцени дека поставувањето на седмиот авион во скопската база е голем успех за македонскиот авиосообраќај.
– Ова е трета најголема база што „Визер“ воопшто ја има и се надевам дека многу брзо скопскиот аеродром ќе стигне и на второто место по бројот на авиони кои се поставени тука – изјави Николоски.
Тој нагласи дека ова е достигнување со кое не можат да се пофалат ниту многу национални авиокомпании, додавајќи дека резултатите покажуваат дека „Визер“ веќе има улога на национален авиопревозник за македонските патници.
– Бројките го покажуваат тоа, дестинациите го покажуваат тоа – порача Николоски и нагласи дека зад успехот не стои случајност, туку долгогодишна работа и соработка меѓу државата, ТАВ Македонија и „Визер“.

А бројките навистина покажуваат сериозен пораст. Минатата година, „Визер“ превезе околу 1,7 милиони патници, додека само во првите шест месеци од годинава, бројот на патници надмина 1,2 милиони. Паралелно со тоа, аеродромите во Скопје и Охрид во првите шест месеци од годината опслужиле повеќе од два милиони патници. Тоа е значаен скок ако се земе предвид дека пред неколку години целта беше Македонија годишно да достигне два милиони патници. Сега, според Николоски, бројката од четири милиони патници годишно веќе не изгледа недостижно, туку станува реална цел.
– Она што беше незамисливо пред неколку години, а тоа е четири милиони патници годишно, сега е нешто што е остварливо – порача министерот.
Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, посочи дека секој дополнителен авион носи нови работни места – за пилоти, кабински персонал, земски служби, техничари и сите оние што директно или индиректно се поврзани со авијацијата. Според него, поголемиот број патници значи и повеќе работа за хотелите, рестораните, туристичките компании, транспортот и за трговијата.
– Кога доаѓаат повеќе патници, тоа значи повеќе гости во хотелите, повеќе посетители во рестораните и поголеми приходи за локалните компании – истакна Курт и посочи дека подобрата воздушна поврзаност, исто така, им помага и на компаниите полесно да воспоставуваат деловни контакти, да отвораат нови пазари и да привлекуваат инвестиции.

Од ТАВ Македонија особено го истакнуваат фактот дека скопскиот и охридскиот аеродром годинава бележат најголем пораст меѓу 15 аеродроми со кои управува ТАВ Аеродроми во светот. Во првите шест месеци од 2026 година, двата македонски аеродроми реализирале повеќе од 13 илјади летови и забележале пораст од 28 % во бројот на патници, како и зголемување на бројот на летови во споредба со истиот период минатата година.
Овие бројки, како што посочуваат од компанијата, не се само статистика.
– Зад овие бројки стојат милиони лични приказни и патувања: луѓе што ги посетуваат своите семејства и пријатели, туристи што откриваат нови дестинации, посетители и гости во нашата земја и компании што создаваат нови деловни можности – истакна Курт.
Покрај новите линии до Палермо (Сицилија) и Алгеро (Сардинија), најавени се и дополнителни можности за поврзување на Охрид со европски градови, меѓу кои и нови линии од Вроцлав и Катовице. Планот е продолжување на порастот, отворање нови линии и уште поголемо поврзување на Македонија со светот.
(С. Бл.)












