вторник, јуни 16, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Граѓаните не ги интересира процентот на инфлација, туку што може да купат...

Граѓаните не ги интересира процентот на инфлација, туку што може да купат со платата

Од Владата тврдат дека Македонија има една од најниските стапки на инфлација во регионот, а премиерот Христијан Мицкоски оценува дека владините мерки даваат резултати, но граѓаните велат дека поскапувањето и натаму го притиска домашниот буџет. За нив не е важен процентот на инфлација, туку колку производи и услуги може да си дозволат со својата плата

2
Hand putting wooden cube and inflation word a on coins in idea for FED consider interest rate hike, world economics, and inflation control, US dollar inflation

И покрај тоа што Македонија бележи една од најниските стапки на инфлација во регионот, граѓаните сѐ уште не го чувствуваат тоа во секојдневниот живот. Цените продолжуваат да растат, а трошоците за живот дополнително го оптоваруваат семејниот буџет. Според податоците на Народната банка, годишната стапка на инфлација во мај 2026 година се намалила на 4,8 отсто, во споредба со 5,7 проценти во април. Намалувањето, главно, се должи на поумерениот раст на цените на храната, под влијание на повисоката споредбена основа од истиот период минатата година. Сепак, најновите податоци за минималната синдикална потрошувачка кошничка покажуваат поинаква слика од онаа што ја гледаат граѓаните. Нејзината вредност во мај достигнала 68.743 денари, што е за 4.835 денари или 7,57 проценти повеќе во споредба со тој месец лани. Само во првите пет месеци од годинава трошоците за живот пораснале за 3.250 денари, односно за речиси пет проценти. Најголем раст на трошоците е регистриран кај храната и кај транспортот, додека во текот на мај најмногу поскапеле горивата и комуникациските услуги.

Од Владата остануваат на ставот дека економските показатели се позитивни и дека Македонија успешно се справува со инфлациските предизвици. Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека актуелната стапка на инфлација е значително пониска од онаа во периодот на глобалната енергетска криза.

– Во услови кога имаме најголема енергетска криза, која полека забавува, ние имаме стапка на инфлација од 4,8 отсто, а пред четири години, кога беше СДСМ на власт, имаше стапки на инфлација од 19, 20, 21 и 22 проценти. Мерките на Владата резултираат со вакви бројки. Ние мораме да се споредуваме со некого, а со кого ако не со претходната Влада за да знаеме дали сме подобри или полоши – изјави Мицкоски.

Тој додаде дека Македонија има пониска инфлација од повеќето земји во регионот, посочувајќи дека Турција бележи инфлација од над 30 проценти, додека повисока инфлација од македонската имаат и Романија, Бугарија, Косово, Грција и Хрватска. Пониски стапки, според него, имаат само Србија и Албанија.

И покрај забавувањето на инфлацијата, Народната банка предупредува дека инфлациските притисоци не се целосно надминати. Особено се нагласени ризиците поврзани со енергетската компонента, која може да предизвика дополнителен раст и на другите цени во економијата. Најновите проекции упатуваат на повисока странска инфлација, како и на умерен раст на цените на енергенсите и на дел од прехранбените производи. Иако очекувањата на потрошувачите за идниот раст на цените се нешто поумерени, ризиците и натаму остануваат претежно во нагорна насока.

Домашната економија, според централната банка, покажува одредена отпорност. Во првиот квартал од годинава, реалниот раст на БДП изнесувал 3,1 процент, а априлските показатели покажуваат раст на индустриското производство, иако трговијата бележи послаби резултати. Во монетарниот сектор, растот на депозитите се движи согласно со проекциите, додека кредитната активност продолжува да расте побрзо од очекуваното, што дополнително влијае врз домашната побарувачка.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, оценува дека Македонија бележи стабилен економски напредок и подобрување на животниот стандард. Според него, Владата ја темели економската политика на капитални инвестиции, привлекување странски директни инвестиции и на поддршка на домашното стопанство. Стојаноски посочи дека земјата остварува економски раст од над три проценти во седум последователни квартали, а просечната нето-плата е зголемена за 8,2 проценти во однос на тој период лани. Тој нагласи и дека се отворени околу 17.000 нови работни места.

– Ова е јасен показател дека мерките што ги спроведуваме даваат резултати и создаваат нови можности за вработување и за економски развој – изјави Стојаноски.

Тој додаде дека се намалува јавниот долг, дека растат буџетските приходи, а средствата се насочуваат кон реализација на капитални проекти.

Од Сојузот на синдикатите на Македонија предупредуваат дека растот на трошоците за живот ја влошува состојбата на голем дел од домаќинствата и дека без конкретни мерки за заштита на животниот стандард, сѐ повеќе семејства ќе имаат проблем да ги покријат основните потреби.

– Засега, за жал, не гледаме ефекти од економските политики на Владата, ниту граѓаните чувствуваат какво било поевтинување. Напротив, цените секојдневно и неконтролирано растат, што придонесува за поголема сиромаштија и за живот што се сведува на плата за преживување, а не за достоинствен живот. Загрижува и фактот што се најавени и веќе се зголемуваат банкарските провизии, додека речиси секое семејство зависи од банкарски кредит. Истовремено, цените на становите продолжуваат да растат и покрај очекувањата за нивна стабилизација. Со еден збор, банките и работодавците стануваат сѐ побогати, а работниците и граѓаните сѐ посиромашни – изјави за весникот ВЕЧЕР Иван Пешевски, потпретседател за приватен сектор при ССМ.

Иако статистиката покажува забавување на инфлацијата и позитивни макроекономски показатели, голем дел од граѓаните велат дека нивната реалност изгледа поинаку. Секојдневните набавки во маркетите, сметките за струја, вода и за други комунални услуги, трошоците за гориво и услугите постојано растат, па многумина имаат чувство дека животот е значително поскап отколку што покажуваат официјалните бројки.

Економистите објаснуваат дека намалувањето на инфлацијата не значи намалување на цените, туку само побавно поскапување. Токму затоа граѓаните не чувствуваат олеснување, бидејќи цените остануваат високи, а дел од основните производи и услуги и понатаму бележат раст. За повеќето семејства најважен показател не е процентот на инфлација, туку колку производи и услуги може да си дозволат со својата плата. Сѐ додека потрошувачката кошница продолжува да расте побрзо од можностите на домаќинствата, чувството дека животот станува потежок ќе остане реалност за голем дел од граѓаните.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ