Граѓаните апелираа до властите да преземат мерки против нереално високата цена на сладоледот. По жалбите, Министерството за трговија објави дека е преземена административна мерка против објектот во марината Јаликавак.
Турското Министерство за трговија казни слаткарница во ексклузивното турско одморалиште Јаликавак во близина на Бодрум, откако на социјалните мрежи беше објавено видео на кое се гледа топка сладолед што чини 400 лири (околу 7,5 евра).
Цените во Бодрум се тема на разговор и за локалното население и за туристите од година во година, а снимката повторно ги разгоре дискусиите за високите трошоци за живот и прекумерното зголемување на цените во туристичките одморалишта.
Кратко видео снимено во марината Јаликавак, омилено место за одмор на милионери од целиот свет, во кое вработените ја наведуваат цената на топка сладолед од 400 лири, стана вирално на социјалните мрежи, објавува „Џумхуриет“.
Граѓаните апелираа до властите да преземат мерки против нереално високата цена на сладоледот. По поднесените жалби, Министерството за трговија објави дека е преземена административна мерка против објектот во пристаништето Јаликавак, а прекумерната цена е пријавена во Одборот за проценка на нефер цени.
„По инспекцијата, беше утврдено дека објектот ги прекршил прописите“, изјави портпаролот на Министерството за трговија, Бекир Каплан.
Службениците на Министерството нагласија дека инспекциите ќе продолжат непрекинато во сите делови на Турција, особено во текот на летните месеци кога потрошувачката активност е голема во туристичките региони, и подвлекоа дека нема да се толерира никаква практика што ги прекршува обврските во врска со јасното означување на цените и пропишаните тарифи, пренесува „Танјуг“.












