Царинската управа во 2025 година собрала над 2,1 милијарди евра приходи, што е за 5,2 % повеќе отколку во 2024 година, се наведува во извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава, и притоа оценува дека Царината добро напредува во реформите што треба да ги приближат царинските правила и работењето на земјава до оние во ЕУ.

Комисијата издвојува дека има поголема наплата на приходите, како и дека има подобрување на контролата, нова опрема и повеќе електронски услуги. Напредок има и во откривањето сомнителни пратки и спречувањето незаконски активности. Воведени се нови системи кои им помагаат на цариниците полесно да препознаат каде постои ризик и на кои пратки треба да им посветат поголемо внимание. Во контролите се користат и информации за стоката пред таа да пристигне на граница.

– Со поддршка од ЕУ, Секторот за контрола и истраги доби нови возила, заштитна и информатичка опрема, со што се подобруваат условите за работа и борбата против организираниот криминал – велат од Царинската управа и посочуваат дека продолжува и спроведувањето на мерките за спречување корупција во Царината.

Промени има и во електронските услуги. Се надградуваат постојните компјутерски системи, а започнати се и пробни активности за нови електронски решенија со кои компаниите ќе можат полесно да се регистрираат и да ги завршуваат царинските постапки. Од Царинската управа посочуваат дека и правилата за увоз и извоз се во голема мера усогласени со европските. Царинската тарифа за 2026 година е приспособена на правилата на ЕУ, а со ратификувањето на новите протоколи се отвора простор и за полесна трговија и подобра соработка со соседните земји.

 

ИЗДВОЕНИ