четврток, ноември 26, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Над 2,3 милиони евра ќе им бидат вратени на граѓаните за незаконски...

Над 2,3 милиони евра ќе им бидат вратени на граѓаните за незаконски наплатени трошоци за брзи кредити

0

Повеќе од 140 милиони денари, односно околу 2,3 милиони евра, треба да им бидат вратени на над 26.000 граѓани поради незаконска наплата на трошоци за опомени и известувања за доцнење со отплатата на брзите кредити, утврдил Државниот пазарен инспекторат.

Резултатите беа презентирани во Владата, по тримесечните инспекциски контроли кај сите 27 лиценцирани финансиски друштва во земјава. Контролите го опфатиле периодот од 2023 до 2026 година.

Кај 18 финансиски друштва биле утврдени нечесни трговски практики, за што се издадени платни налози во вкупен износ од над 3,5 милиони денари, односно повеќе од 56.000 евра. Кај 12 друштва е констатирана незаконска наплата на надоместоци за опомени и известувања за доцнење со плаќањето, поради што им е наложено да ги вратат парите во рок од 30, 60 или 90 дена, зависно од бројот на засегнати клиенти.

Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски, појасни дека граѓаните нема да треба да поднесуваат барања за поврат. Финансиските друштва имаат обврска да ги контактираат клиентите и да им ги вратат средствата, а инспекторите ќе го следат спроведувањето на решенијата.

Според Стојкоски, конечниот износ на повратот може да достигне близу 200 милиони денари, иако во моментов се потврдени повеќе од 140 милиони денари.

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, најави дека доколку не постапат друштвата по решенијата, институциите ќе ги искористат законските механизми, вклучително и можноста за затворање.

Имињата на финансиските друштва засега не се објавуваат бидејќи дополнителните проверки се во тек. Стојкоски најави и дека Инспекторатот планира контроли во банкарскиот сектор, за прашањата за наплата на банкарските провизии.

ИЗДВОЕНИ