Долга беше ноќта, уште подолг денот од одбележувањето на годишнината од кочанската загуба на младоста и надежта на една генерација на 16 март 2025 година. Жителите на Кочани организираа повеќе настани преку кои ја доловија симболиката на трагедијата, а родителите, кои беа дел од секое случување, ја раскажаа недоживеаната приказна на своите деца.
Меѓу жртвите од пожарот во „Пулс“ имаше ученици што допрва требаше да матурираат, студенти што ги правеа првите чекори кон својата професија, фудбалери, фотографи, програмери, механичари, дизајнери, млади луѓе што само сакаа да му се радуваат на животот. Но, нивните соништа застанаa таму каде што запре и музиката, во дискотеката на смртта.
Денес зад нив останаа празни столчиња и родители што се будат секое утро со истото прашање: каков живот ќе имаа нивните деца ако ја дочекаа утрешнината?
Во неделата точно во 2:32 часот, времето кога започна да гори сонот на младоста, кон срцата испишани со имињата на жртвите закачени на оградата пред дискотеката, беа вклучени силни рефлектори. Светлосен зрак кон секое од 63. имиња, порака дека градот никогаш нема да ја заборави последната ноќ од прерано прекинатиот живот.
– Борбата на обичниот човек за правда е борба за помнење наспроти заборавот, сите ние сме заедно во ова. Сакам да се погледнете сите помеѓу себе, токму вие, семејствата и пријателите, покажавте што значи да не се заборави, што значат љубов и грижа – кажа младо момче пред насобраните другари, другарки и семејствата на загинатите.

Нивните приказни до ноќта кога престана да им отчукува пулсот ги разбравме од мајките, кои неуморно ја бараат правдата – единствената причина за која живеат. Па така знаеме дека Ивона Антова била планинарка што најмногу го сакала Осогово и сонувала за нови врвови и патувања. Томас Златков бил верен навивач на ФК „Осогово“, за кого трибините на стадионот биле втор дом заедно со Александар Стојанов, кој му бил другар од навивачката група „Сејмени“, секогаш со знамето на клубот в раце.
Никола Насевски – средношколец што допрва требало да ги исполни своите соништа за студии и иднина. Ана Коцева, студентка што сакала да изгради кариера и да го освои светот со својата насмевка. Павел Христовски – млад човек што сонувал за работа, дом и семејство. Зад секое од овие имиња стои недоживеана младост, недопишана приказна и сон што засекогаш остана прекинат таа ноќ.
– Мојот син, Виктор Јорданов, беше многу добро дете, последен излегол од диското, се обидувал да го изгасне пожарот со единствениот противпожарен апарат. Додека не се осигурил дека се сите надвор, не излегол, и тогаш… кога излегол – паднал… – солзите се непресушни за мајките на починатите деца.
Таа и другите родители присуствуваа на централната програма за одбележување на годишнината од трагедијата, која се одржа во Паркот на Револуцијата. Таму беа наредени шеесет и три бели столчиња во тишина, на отворено и една бела роза на нив, со црна панделка за спомен.

Шеесет и три бели столчиња, шеесет и три имиња, шеесет и три животи што недостигаат – секое столче ја носи тишината на едно отсутно присуство, бела роза за спомен, светлина за сеќавање и место што никогаш нема да биде исполнето, беше пораката со која семејствата на загинатите ги пречекаа многуте делегации, меѓу кои и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и премиерот Христијан Мицкоски, кому мајката на починатата Надица Наунова му стави беџ на кој имаше насликано скршено срце со датумот на трагедијата. Во чест на загинатите беше отворена книга на жалост, во која се потпишуваа граѓаните, делегациите и претставниците на дипломатските мисии.
– Денес, во Кочани, оддаваме тивка, но длабока почит кон невините животи што прерано згаснаа. Една година подоцна, болката и празнината сè уште се чувствуваат во секое срце, но заедно со нив живее и сеќавањето на недовршените соништа – порача Мицкоски.

Од Делегацијата на Европската Унија порачаа: „Денес се сеќаваме на младите животи што беа загубени и на соништата што прерано завршија. Стоиме рамо до рамо со семејствата и со преживеаните чии животи засекогаш се променети. Вашата храброст нè инспирира“.
Во салата на Центарот за култура „Бели мугри“ се одржа комеморативен настан во спомен на жртвите во пожарот и студентите на Вокално-инструменталниот оддел при Факултетот за музичка уметност – Скопје ја изведоа композицијата „Искинати нишки“, компонирана од студентот Никола Ѓоргиев од Кочани.
Ноќта во неделата, на симболичниот настан пред дискотеката „Пулс“ беа присутни и противпожарните возила со вклучени рефлектори, возилата на екипите за спасување што неуморно се бореа за секој човечки живот. Сепак, еден од пожртвуваните не можеше да ја издржи тежината на трагедијата – Илчо Гоцевски, возачот на Итната медицинска помош во Кочани, кој почина на спиење по кобната ноќ, кога возел 11 пати до Скопје и работел 32 часа. Илчо е херојот што им се придружи на 63. невини млади души.
– Тој беше херојот на транспортот на повредените деца од дискотеката. Единаесет пати имаше отидено за Скопје кобниот ден. Помагаше и во пронаоѓањето и препознавањето на изгорените деца, како и во нивното транспортирање до болниците. Денеска немаше никој што да каже за човекот што по 32 часа работа заспа од умор и никогаш не се разбуди – изјавил близок човек на Илчo за порталот „Делчево 365“.
На најдолгата и најтешка ноќ се сеќава и докторот Андон Чибишев.
– Таа и наредните триесетина дена беа еден од најтешките периоди во мојата докторска кариера. На Универзитетската клиника за токсикологија беа хоспитализирани дваесетина тешки пациенти поради акутно труење со отровни гасови, а во периодот што следуваше поминаа и голем број пациенти што биле присутни во дискотеката таа вечер – напиша тој.
Денес, кога светат рефлекторите над оградата со 63. имиња, кога бели столчиња и рози ја чуваат тишината на градот, Кочани потсетува дека трагедијата не е само број на жртви туку и соништа и животи што не стигнаа да бидат остварени. Недовршените приказни на Ивона, Томас, Никола, Ана, Павел и на сите други ги носиме со себе – нивните насмевки, страсти и планови што никогаш не се реализираа. Додека постои сеќавањето, нивните животи не се избришани; додека постои правдата што нивните семејства неуморно ја бараат, борбата продолжува да ни дава надеж дека ќе се смени системот. (П. А.)
ЈО за ВЕЧЕР: Обвинети се сите што не постапувале, неприфатлив е наративот на одбраната за правната квалификација
И додека се одбележуваат деновите од трагедијата во Кочани, денеска продолжува судењето за 35. обвинети за пожарот во „Пулс“. Сè погласни се реакциите во јавноста од нивните бранители за правната квалификација на обвинението, за нив е апсурдно дека сите се обвинети дека заедно го предизвикале пожарот.
– Предизвикување општа опасност е непосредно кривично дело, што сега се извршува: тоа што моментално ќе го направите – да предизвика пожар како последица. Во конкретниот случај, не може луѓе што работеле во државната администрација во процесот на издавање лиценци на кабарето да ги обвините дека го предизвикале, односно подметнале пожарот – изјави адвокатот Петре Шилегов, кој е бранител на поранешен службеник во Економија, додавајќи дека и до ден-денес исти се документите за добивање лиценца за угостителски објект.
Весникот ВЕЧЕР побара став од Обвинителството на барањата од бранителите за ревизија на обвинението. Оттаму ни одговорија дека ЈО спровело темелна истрага и обезбедило докази врз основа на кои поднело обвинение за сите оние кај кои утврдило одговорност во однос на катастрофалните последици настапени во кочанската дискотека „Пулс“.
– Обвинението е потврдено од Судот и доказната постапка е во тек. Освен во делот на активација на пиротехниката, предмет на обвинение се и сите кривичноправни дејства што имаат неизоставна и директна врска со последицата, па во таа насока на одговорност се повикани обвинети за непостапување во поглед на нарушување на безбедносните правила, кои имале правна должност да ги преземат во однос на контролата на бројот на посетители, на вградените материјали и емисијата на гасови што ја продуцирале, како и незаконитите и неадекватни услови за евакуација и противпожарна заштита. При ваква состојба, неприфатлив е наративот на одбраната пласиран во јавноста, кој воопшто не е предмет на она што се расправа во судницата – одговорија за весникот ВЕЧЕР тимот обвинители што го застапуваат обвинението за „Пулс“.












