понеделник, јуни 15, 2026
Дома СКОПСКА Градилиштето во Кисела Вода не било обезбедено

Градилиштето во Кисела Вода не било обезбедено

84

Државниот инспекторат за труд утврдил сериозни пропусти во безбедноста при работа на градилиштето во Кисела Вода, каде што загина 34-годишен работник од Крива Паланка, а тројца негови колеги беа повредени.

Според наодите на Инспекторатот, иако сите ангажирани работници биле во работен однос кај подизведувачот, не биле преземени основните мерки за безбедност. Било констатирано дека не било извршено подградување на рабовите на темелната јама, ниту, пак, бил применет друг начин за заштита од „обрушување“ на земјиштето, што, според инспекцијата, е директна причина за несреќата.

– Од областа на безбедноста и здравјето при работа, утврдено е дека не биле преземени колективни мерки за заштита, односно не било направено подградување на рабовите на темелната јама или друг начин за заштита од „обрушување“ на земјиштето, што е и причина за несреќата – информираат од Државниот инспекторат за труд.

Поради утврдените неправилности, изречена е усна забрана за работа на градилиштето, која останува на сила сѐ додека не се отстранат причините за несреќата и не се обезбедат сите неопходни мерки за заштита на работниците. Од инвеститорот и од изведувачот е побарано да ја достават целокупната документација поврзана со безбедноста и здравјето при работа.

Во меѓувреме, Основното јавно обвинителство продолжува со истрагата за утврдување на околностите под кои се случи несреќата, а е издадена и наредба за обдукција на починатиот работник. Повредените лица, на возраст од 35 до 45 години, се хоспитализирани во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, каде што се следи нивната состојба.

 

ИЗДВОЕНИ