Инвеститорот на градежните работи на регионалниот пат Прилеп – Крушево бара трпение од локалното население, зашто градежните работи на делницата на патот ќе завршат до 25 мај и тој повторно ќе биде ставен во функција. Ова следува по протестите на жителите и блокадата на патот, кои бараат друго прифатливо решение за да не се блокира, како што велат, животот во регионот за околу 10 илјади жители. Работите, според жителите, траат многу долго, повеќе од една година.
– Градежните работи за санација на трупот на патот на регионален пат Р1306, делница Прилеп – Крушево (кај Славеј), во должина од 920 метри, се прикрај и најдоцна до 25 мај патниот правец повторно ќе биде ставен во функција. Замолуваме за трпение од локалното население заради квалитетно завршување на градежните работи – соопштија од ЈП за Државни патишта.
Во текот на изведбата на градежните работи, патниот правец е затворен за сообраќај и согласно со одобрениот сообраќаен проект за режим на сообраќај, поставена е соодветна сообраќајна сигнализација за безбедност во сообраќајот. За жителите, досегашното понудено решение е небезбедно, зашто станува збор за тесен патен правец во ширина од 3,6 метри, кој е опасен за учесниците во сообраќајот, целосно им го отежнува животот и ги блокира земјоделско-стопанските работи долг период.