четврток, октомври 1, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Петмина лекари од битолската болница обвинети за несовесно лекување на 40-годишна пациентка

Петмина лекари од битолската болница обвинети за несовесно лекување на 40-годишна пациентка

0

Основното јавно обвинителство Битола поднесе обвинителен предлог против петмина лекари-интернисти од Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“ во Битола, поради сомнение дека со несовесно лекување придонеле за влошување на здравствената состојба и смртта на 40-годишна пациентка.

Обвинетите се товарат за тешки дела против здравјето на луѓето, а според Обвинителството, случајот се однесува на периодот од 28 мај до 4 јуни 2024 година на Одделот за интерни болести.

Пациентката првично се јавила во болницата по преглед и упат од матичен лекар, кој изразил сомнение за тромбофлебитис. Според обвинението, по прегледот на интерното одделение, без целосна анамнеза и детални анализи, ѝ била поставена дијагноза ревматоиден артритис, ѝ била дадена терапија и била пуштена дома.

Од Обвинителството наведуваат дека поради тоа не била навремено откриена и дијагностицирана тромбозата, ниту била започната соодветна терапија, со што била пропуштена можноста за навремено лекување и спречување на напредувањето на состојбата.

На 1 јуни 2024 година, пациентката повторно се јавила во болницата со силни болки во стомакот и влошена општа состојба, по што била хоспитализирана.

Според обвинението, и покрај абнормалните лабораториски и биохемиски параметри, во следните четири дена дежурните лекари не презеле дополнителни дијагностички испитувања за да се утврдат причините за влошувањето и да се одреди соодветна терапија. На 4 јуни пациентката побарала медицинска помош во приватна клиника во Скопје, каде била примена во тешка општа состојба. При итна операција била констатирана тромбоза на горната и долната мезентерична артерија, со комплетна гангрена на тенкото и дебелото црево.

Состојбата веќе била неоперабилна, а пациентката починала наредниот ден, на 5 јуни 2024 година.

ИЗДВОЕНИ