Старите занаети да не останат само спомен од минатото, туку да продолжат да живеат и да се пренесуваат на младите генерации. Со оваа цел, Град Скопје објави Јавен повик за субвенционирање на дефицитарни занаетчии, односно на оние занаети чиј број со години се намалува.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски порача дека занаетите не се само професија, туку дел од идентитетот на градот и народот.
– Занаетите се нераскинлив дел од нашата традиција, култура и идентитет. Со генерации, вредните раце на занаетчиите создавале производи со душа, го пренесувале своето знаење од колено на колено и оставиле неизбришлива трага во развојот на Скопје и неговата чаршија. Тие не се само чувари на нашето богато минато, туку и важен дел од економската иднина. Затоа наша обврска е да им дадеме поддршка, да им помогнеме да опстојат и да создадеме услови нивните вештини да продолжат да живеат и кај идните генерации – истакна Ѓорѓиевски.
Со оваа мерка, финансиска поддршка ќе можат да добијат занаетчии кои живеат на територијата на Град Скопје, односно во општините Аеродром, Гази Баба, Бутел, Чаир, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Центар и Шуто Оризари, доколку ги исполнуваат условите наведени во јавниот повик.
Право на учество имаат занаетчии кои годинава не користеле финансиска помош од Град Скопје, како и лица регистрирани согласно Законот за занаетчиство, кои поседуваат занаетчиска дозвола и вршат дејност што, според анализите, бележи континуирано намалување.
Според Ѓорѓиевски, целта е да се даде конкретна поддршка токму на луѓето кои со својот труд и знаење ја чуваат препознатливоста на Скопје.
– Со оваа мерка даваме конкретна поддршка на луѓето кои со својот труд, знаење и посветеност ја чуваат автентичноста на Скопје. Не смееме да дозволиме старите занаети да останат само спомен. Треба да создадеме услови тие повторно да бидат ценети, препознатливи и интересни за младите. Само така ќе ја зачуваме традицијата и ќе ја пренесеме оваа вредност на генерациите што доаѓаат – порача градоначалникот.
Јавниот повик со сите услови, потребната документација и роковите за пријавување е достапен на официјалната веб-страница на Град Скопје.












