По реакциите и барањата на жителите на Ново Лисиче, паралелно со воведувањето на зонско паркирање во Реонски центар да се спроведе и кај нив, скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, вчера информираше дека во Реонскиот центар на Општина Аеродром, каде што се воведува зоната D12, ќе продолжи да важи постојното правило според кое сите резиденти, физички и правни лица ќе можат да паркираат на сите зони на територијата на општината без надоместок.
– Паралелно, во тек е подготовка за воведување нова зона за паркирање во Ново Лисиче, со што ќе се обезбедат вкупно 2.719 нови паркинг-места – нагласи Ѓорѓиевски.
Дополнително, од Град Скопје информираа дека од 1 април 2026 година, ќе биде овозможено електронско поднесување барања за дозволи преку платформата „moj.parking.mk“, како и онлајн плаќање на месечни и годишни дозволи, со цел поедноставување и подобрување на услугите за граѓаните.
И градоначалникот на Општина Аеродром, Митески, денеска истакна дека на наредната седница на Советот на Општина Аеродром на дневен ред ќе биде ставена одлуката за меѓуопштинска соработка, за воведување зонско паркирање и во Ново Лисиче, а по нејзиното донесување веднаш ќе се започне со поставување на вертикалната сигнализација.
Инаку, жителите на Ново Лисиче реагираа на воведувањето на зонското паркирање во Реонски Центар, чие стартување од скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски и градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески беше најавено за први април.
Сметаат дека тоа е спротивно на изборните ветувања оти оваа активност ќе се спроведе паралелно и во Ново Лисиче и во Реонски Центар.
Тие се жалеа дека во Ново Лисиче не постои жител кој барем 15 минути не бара паркинг-место за да дојде дома, и затоа, како што велат многумина од жителите, паркирале токму во Реонски Центар.
Тие побараа од Општина Аеродром и од Град Скопје итно одлагање на спроведувањето на зонско паркирање само во Реонски Центар, а процесот да се спроведе единствено паралелно на двете локации, Ново Лисиче и Реонски Центар.
Жителите бараат јасна и прецизна насока од Ѓорѓиевски
Жителите на Ново Лисиче повторно упатија апел до градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, барајќи јасна и прецизна насока за одложување на воведувањето на зонското паркирање во Реонски Центар.
Во реакцијата, граѓаните посочуваат дека и покрај изразената подготвеност за компромис од страна на градските власти, во последната објава нема конкретен одговор на нивното клучно барање – одложување на зоната во Реонски Центар сè додека не започне паралелно спроведување и во Ново Лисиче.
(А. П.)












