Вкупната вредност на извозот на стоки од државава во првиот квартал годинава изнесува 1,99 милијарди евра и бележи пораст од 3,6 % споредено со тој период во 2025 година. Вредноста на увезената стока, пак, во периодот јануари – март годинава, изнесувала 2,78 милијарди евра и е за 0,5 % повеќе во однос на тој период лани, објави на Државниот завод за статистика.
Во долари, вкупната вредност на извозот изнесува 2,33 милијарди долари, што е зголемување за 15,1 % во споредба со тој период лани, а вкупната вредност на увозот изнесува 3,26 милијарди американски долари и е зголемена за 11,8 %.
Најголемо учество во извозот имаат катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и други катализатори на носачи.
Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови) и други моторни возила за превоз на лица.
Во периодот јануари – март годинава, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, најмногу сме тргувале со Германија, Велика Британија, Кина, Грција и со Србија, кои учествувале со 49,8 % во вкупниот обем на размена. Земјите членки на Европската Унија учествувале со 58,6 % во вкупната размена.












