Упатен е итен апел до надлежните институции за брза интервенција поради големиот пожар над штипско Ново Село, кој повторно се разгорел и се шири со голема брзина.
Граѓаните бараат од директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, како и од сите надлежни служби, под итно да бидат ангажирани авионите и хеликоптерите за гаснење на пожарот од воздух.
Според сведоштвата од терен, огнот веќе зафатил викендички и се движи низ исклучително непристапен терен каде што речиси е невозможно да се интервенира со возила и пешки екипи.
„Потребна е помош од небо. Човечка нога тешко може да стигне до местото. Пожарот се шири во непристапен предел, а ветерот дополнително го разгорува. Ситуацијата е сериозна и постои опасност од уште поголема хаварија доколку не се реагира веднаш“, апелираат граѓаните.
Тие тврдат дека станува збор за повторно активирање на вчерашниот пожар и изразуваат сомнеж дека огнот повторно е подметнат.
Од терен се посочува дека пожарот се движи кон густо пошумен предел каде што нема пристап за противпожарни возила, поради што единствено решение во моментов е интервенција од воздух.
Граѓаните бараат итна реакција од сите надлежни институции пред огнената стихија да предизвика уште поголеми штети.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, информира дека веќе дејствува „ер трактор“ на ДЗС во гаснењето на пожарот над штипско Ново Село.
Тој соопшти и дека има повредено лице, сопственик на викендица зафатена од пожарот.
„Веќе дејствува ер трактор на ДЗС. Има повредено лице, сопственик на викендица. Набргу ќе бидам на лице место“, напиша Ангелов.












