– Целта на фестивалот „Гласот на гајдата“, кој годинава го има своето второ издание, е промоција и презентација на особеностите на македонската гајда, која сама по себе е автентична во светски рамки, како и презентација на македонските мајстори инструменталисти, и интенцијата е тој да биде меѓународен. Со тоа, покрај нашата македонска гајда и нашите уметници, ќе се промовираат и гајди и свирачи од целиот свет, од сите региони каде што се негува и каде што се свири овој инструмент, вели Стефче Стојковски, виртуоз на изворни народни инструменти и еден од организаторите на фестивалот, за весникот ВЕЧЕР
Гласот на гајдата, утревечер (3 октомври), ќе одекне во срцето на Скопје. Виртуози од Австралија, Америка, Белорусија, Бугарија и Македонија, во Музејот на град Скопје, со почеток во 19.30 часот, ќе ги вкрстат своите традиции, техники и музички приказни, обединувајќи ги различните култури преку магичниот звук на гајдата.
„Ова се вистински мајстори – инструменталисти на овој исконски, чист и моќен звук. Иако целта на фестивалот ’Гласот на гајдата’, кој годинава го има своето второ издание, е промоција и презентација на особеностите на македонската гајда, која сама по себе е автентична во светски рамки, како и презентација на македонските мајстори инструменталисти, интенцијата е тој да биде меѓународен. Со тоа, покрај нашата македонска гајда и нашите уметници, ќе се промовираат и гајди и свирачи од целиот свет, од сите региони каде што се негува и каде што се свири овој инструмент. Задоволен сум од интересот на музичарите од другите земји да присуствуваат на ова второ издание на фестивалот, со оглед на тоа што тие првпат доаѓаат во Македонија, и се надевам дека ќе стане традиција“, вели за весникот ВЕЧЕР Стефче Стојковски, виртуоз на изворни народни инструменти и еден од организаторите на фестивалот на кој ќе присуствува и претседателката на државата Гордана Сиљановска –Давкова.
Пред љубителите на овој музички израз ќе се претстават девет гајдаџии. Бил Коуп од Соединетите Американски Држави ќе ги отсвири „Ибраим Оџа“, „Пуштеното оро“, „Купи лудо“ и „Овчеполско оро“, додека Петре Ѓорѓиевски од Австралија ќе ги изведе „Драчевска егзија“ и „Драчевско невестинско“. Витал Воранау од Белорусија, пак, ќе ги свири „Обредни мелодии“, „А у љаску, у љаску“, „Полска бабичка“ и „Грачаники“, додека Венцислав Андонов од Бугарија ќе се претстави со „Родопски мелодии“ и „Шопски мелодии од Граово“.
Од Македонија, пак, ќе настапат петмина музичари: Теодор Грујовски, кој е и најмладиот учесник на фестивалот, Теодор Стојковски Катин, Душан Томовски, Вилијам Михајловски и Роберт Митров. Осумнаесетгодишниот гајдаџија Теодор Грујовски ќе се претстави со „Сандево оро“ и „Долгото оро“, додека останатите учесници ќе ги пренесат звуците на македонските песни и ора, како што се „Копачката“, „Радовишки сплет“, „Кумановско оро“…
– Фестивалот е, можам да кажам, целосно моја идеја, замисла, иницијатива и реализација, а го организирам со мојот драг пријател Мартин Анастасовски, човек кој е љубител и поддржувач на македонската автентична и фолклорна уметност.
На првиот фестивал, кој се одржа на 15 декември лани, составот на учесниците беше многу интересен, бидејќи концептот беше „Пренесување на традицијата“ – од дедо на внук и од татко на син, со учество на секој докажан инструменталист, мајстор на гајдата. Исто така, една од целите на овој фестивал е да се направи регистар на гајдаџии кои активно опстојуваат на територијата на Република Македонија, секако, со нивна јавна презентација, додава Стојковски.
Зборувајќи за интересот на помладите генерации за изучување на народните инструменти и за зачувување на изворниот мелос, особено во услови на глобализација, Стојковски истакнува:
„Дали имаат младите интерес? Би рекол – да. Во последните години, со отворањето на Катедрата за народни инструменти во средното музичко училиште и на Факултетот за музичка уметност, се појави зголемен интерес за изучување на народните инструменти, меѓу кои и гајдата.
Но, тука акцентот треба да се стави на тоа како се изучуваат овие инструменти. Во Македонија има традиција на свирење народни инструменти, која треба да се учи непосредно од изворот. Секако дека е убаво кога се учи и институционално, но таму се добива, можеби, само музичката основа. Сè друго е трагање по изворот, самостојно истражување и создавање сопствен стил и начин на изведба.
Традиционалната народна музика и понатаму го наоѓа своето место во секојдневниот и празничниот живот на луѓето, иако бара дополнителен поттик за да се пренесе на помладите“, вели Стојковски.
Инаку, „Традиционалната изработка и свирењето на гајда“ во декември 2024 година се впишани на Репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство на човештвото. Мултинационалната номинација, поднесена од РС Македонија и Турција, беше разгледана и усвоена на 19. сесија на Меѓувладиниот комитет на УНЕСКО за заштита на нематеријалното културно наследство, која се одржа во Асунсион, Република Парагвај. (Д. Т.)












