Вториот министерски самит во Србија ќе ги стави во фокус гасните интерконектори, вертикалниот гасен коридор и модернизацијата на електроенергетските мрежи

 

Министрите за енергетика на Македонија, Србија, Грција и на Бугарија, идната недела, во Србија, ќе го одржат вториот министерски самит, на кој ќе бидат во фокус регионалната енергетска соработка, забрзувањето на инфраструктурните проекти и зајакнувањето на сигурноста на снабдувањето. Средбата е продолжение на првиот самит одржан во Атина, на 15 мај, кога четирите земји ја нагласија потребата да се третираат енергетската сигурност и енергетската стабилност како заеднички регионален приоритет. Во меѓувреме, дел од договорените иницијативи веќе преминаа во фаза на реализација, особено во гасниот сектор.

За Македонија, меѓу клучните проекти се интерконекторите со Грција и со Србија. Интерконекторот со Грција треба да овозможи диверзификација на снабдувањето со природен гас и пристап до повеќе извори преку грчкиот систем, вклучително и LNG-инфраструктурата. Почетниот капацитет е предвиден на 1,5 милијарди кубни метри годишно, а изградбата е во тек, со планиран рок за завршување во 2027 година.

Паралелно се реализира и поврзувањето со Србија. Во септември беше потпишан договор за проектирање и изградба на македонскиот дел од интерконекторот, вреден 29,4 милиони евра. Делницата ќе биде долга 22,4 километри, со двонасочен проток и со капацитет од 1,4 милијарди кубни метри годишно.

Со овој проект Македонија и Србија добиваат нова можност за регионален транзит на природниот гас и подобро поврзување на јужните извори со пазарите во Централна Европа. За Македонија, интерконекторот отвора простор за поголема улога во регионалните енергетски текови и дополнително искористување на гасната инфраструктура.

Во септември беше направен и чекор кон проширување на вертикалниот гасен коридор кон Западен Балкан. Македонија и Србија се приклучија кон иницијативата што ги поврзува Грција, Бугарија, Романија, Унгарија, Словачка, Украина и Молдавија. Целта е зголемување на прекуграничните текови, поголема флексибилност во снабдувањето и подобро искористување на постојната инфраструктура.

На самитот во Србија се очекува да се разговара и за електроенергетскиот сектор: сигурноста на снабдувањето, прекуграничната размена, обновливите извори и складирањето енергија. Особено внимание ќе им биде посветено на батериските системи и на пумпно-акумулациските хидроелектрани, кои стануваат сè поважни со растот на сончевите и на ветерните капацитети.

Четирите земји ќе ја разгледаат и понатамошната интеграција на регионалните пазари на електрична енергија. Целта е поефикасно да се поврзат националните системи, да се реализираат инфраструктурните проекти со поголема координација и да се создадат пофлексибилни и поотпорни енергетски мрежи во Југоисточна Европа.

 

ИЗДВОЕНИ