среда, октомври 14, 2026
Дома КУЛТУРА Гитарското дуо „Милонга“ го отвора 21. издание на фестивалот „Златна лира“

Гитарското дуо „Милонга“ го отвора 21. издание на фестивалот „Златна лира“

0
Во Музејот на македонската борба, денеска (14 октомври), во 20 часот, со концерт на гитарското дуо „Милонга“, во состав Александра Кировска и Дејан Лазаревски, ќе биде отворено 21. издание на фестивалот „Златна лира“.

Дуото „Милонга“, формирано во 2024 година, обединува двајца гитаристи од различни генерации, чија соработка се темели на заеднички музички интереси и посветеност на камерното музицирање. Нивниот репертоар опфаќа дела од класичната гитарска литература, како и композиции инспирирани од латиноамериканската музичка традиција и современите музички изрази.

Програмата на концертот е обликувана околу експресивните и ритмичките особености на гитарската литература, со нагласено присуство на латиноамериканскиот музички идиом. Делата на Максимио Диего Пујол, Астор Пјацола и Зеќиња де Абреу, заедно со композиции од Јохан Каспар Мерц и Војислав Ивановиќ, отвораат простор за стилски контрасти, виртуозност и богата колористичка палета на двете гитари. Кировска и Лазаревски, кои во последните години остваруваат активна заедничка концертна дејност, негуваат репертоар што ги поврзува класичната гитарска традиција и современите изведувачки пристапи. Влезот е слободен.

Дваесет и првото издание на фестивалот „Златна лира“, во организација на Сојузот на музичките уметници на Македонија (СМУМ), ќе се одржи од 14 до 28 октомври 2026 година, во Музејот на револуционерната борба во Скопје. Со континуитет од повеќе од две децении, фестивалот се етаблира како значајна платформа за афирмација на македонската репродуктивна музичка уметност, со особен акцент на камерното музицирање, негувањето на интерпретативната традиција и претставувањето на различните генерации домашни музички уметници.

Годинашната програма опфаќа осум концертни вечери, во кои камерната музика се претставува низ разновидни инструментални состави, стилски епохи и естетски изрази. Од барокната полифонија и класичната формална јасност, преку романтичарската експресивност, до звучните и ритмичките истражувања на музиката на 20 и 21 век, фестивалот нуди широк пресек на камерниот репертоар. Посебно место заземаат делата на македонските композитори, поставени во непосреден дијалог со европското и светското музичко наследство.

ИЗДВОЕНИ