Патнички авион на „Ер Индија“, кој летал на релацијата Франкфурт–Делхи, бил пренасочен кон индискиот град Џајпур откако, по влегувањето во индискиот воздушен простор, се активирало безбедносно предупредување за сомнение за киднапирање, објавија медиумите. Според индиските медиуми, пилотот го активирал транспондер-кодот 7500, што претставува меѓународен сигнал за киднапирање или незаконско мешање во летот. Пилотот стапил во контакт со контролата на летање и побарал дозвола за слетување на најблискиот аеродром од претпазливост, пренесе „Индипендент“.
Станувало збор за авион „Боинг 787-9“ кој го извршувал летот AI2030. По слетувањето во Џајпур во 9:45 часот по локално време, авионот бил преместен на изолиран дел од аеродромот, каде што безбедносните служби и тимот за откривање и отстранување експлозивни направи (BDDS) ги прегледале леталото и багажот на патниците.
Надлежните органи ја завршиле проверката и дале дозвола за продолжување на летот, при што се очекувало патниците повторно да се качат во авионот. Ова за „Хиндустан тајмс“ го потврдиле извори од Генералниот директорат за цивилно воздухопловство на Индија (DGCA).
Патничката Свасти Рао објави на платформата „Икс“ дека патниците го продолжиле патувањето со истиот авион по дополнителните проверки. „Сè е во ред. По повторените безбедносни проверки на авионот и патниците, се качивме на истиот лет што беше пренасочен кон Џајпур (бидејќи пилотот го активираше кодот за киднапирање). Се надеваме дека наскоро ќе полетаме за Делхи.“
Согласно безбедносните протоколи, двајцата пилоти морале да го напуштат авионот, додека тим од Националната гарда за безбедност (NSG) – индиската федерална единица за борба против тероризам и специјални операции – бил ставен во состојба на подготвеност во Делхи, објави „Си-Ен-Ен-Њуз18“.












