Реконструираната железничка обиколница околу Скопје ќе придонесе за побрз и поефикасен карго транспорт на Коридорот 10, со што земјата ќе ја зајакне својата позиција како значајна транзитна маршрута во регионот. Паралелно со тоа, воведувањето на принципот „ Уан стоп-шоп“ со Грција, изградбата на заеднички железнички граничен премин со Србија и проектот за брза пруга на Коридорот 10 се клучни инфраструктурни чекори за модернизација на железничкиот сообраќај.
Ова го истакна заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, кој посочи дека придобивките од овие проекти се повеќекратни: од економски ефекти и забрзување на транспортот до намалување на влијанието врз животната средина.
– Железничката обиколница на Скопје ќе овозможи повеќе да не минуваат товарните возови низ централното градско подрачје. Тоа има значаен еколошки ефект, но истовремено значи и скратување на времето за транспорт, со што Македонија станува поатрактивна за карго сообраќајот – изјави Николоски.
Тој реагираше на коментарите дека товарните возови и претходно не го користеле централниот дел на Скопје, посочувајќи дека состојбата во минатото била различна, но дека поради долгогодишното запоставување на железничката инфраструктура, обиколницата не била во функција.
– Пред 30-40 години, кога првпат била изградена оваа обиколница, ситуацијата била поинаква. Но, со девастирањето на железничката инфраструктура, овој коридор со години не се користеше. Затоа пристапивме кон целосна реконструкција заедно со ЈП „Железници- Инфраструктура“ и во рекордно време ја завршивме карго обиколницата на Скопје – нагласи министерот.
Според Николоски, забрзувањето на железничкиот карго транспорт ќе има позитивно економско влијание долж целата траса на Коридорот 10, особено преку регионалната соработка и заедничките инфраструктурни проекти со соседните држави.
– Ова е особено значајно за Гевгелија, бидејќи Коридорот 10 минува токму низ овој регион. Дополнително, со воведувањето „Уан стоп-шоп“ на железничката граница со Грција, карго возовите веќе нема потреба да застануваат двапати при преминување на границата, туку постапката се завршува со едно застанување – изјави Николоски.
Тој додаде дека се во тек активности за воспоставување заеднички железнички граничен премин со Србија, што дополнително ќе придонесе за побрз проток на стоки и за поголема ефикасност во меѓународниот железнички транспорт.
Во однос на проектот за изградба на брзата пруга на Коридорот 10, министерот информираше дека подготовката на проектната документација се одвива според утврдената динамика.
– Очекувам во текот на летото да бидат завршени сите потребни документи. Постапките се реализираат во предвидените рокови и по завршувањето на подготвителната фаза, ќе се пристапи кон реализација на градежните активности – посочи Николоски.












