Легендарниот романски тренер Мирчеа Луческу, најодликуваниот професионалец во историјата на фудбалот на неговата земја, почина на 81-годишна возраст.

  • Универзитетската болница за итни случаи во Букурешт објавува дека денес, вторник, околу 20:30 часот (19:30 часот по македонско време), е потврдена смртта на г. Мирчеа Луческу, се вели во соопштението.

Луческу беше еден од најважните европски тренери на почетокот на векот и еден од најголемите во историјата на источноевропскиот фудбал. Тој им донесе европски трофеи на Галатасарај и на Шахтјор, ги постави темелите на моќен украински клуб и беше шампион на таа земја со Динамо Киев. Работеше успешно и во Зенит, но и во Серија А на почетокот на 90-тите, каде што препозна талентиран 15-годишник, кој потоа направи одлична кариера. Неговото име е Андреа Пирло.

Луческу ја предводеше Романија во плејофот за Светското првенство против Турција во март годинава, но неговата селекција загуби со 0:1. Се покажа дека, практично, до последните денови работеше, бидејќи неговата состојба нагло се влоши по плејофот и заврши в болница, каде што викендов се очекуваа најлоши вести, поради сериозни проблеми со срцето.

Се разболи во пресрет на пријателскиот натпревар против Словачка, кога се струполил додека ја кажувал тактичката поставеност на тимот.

„Седеше на стол и едноставно се онесвести“, објавија романските медиуми пред неколку дена.

Тој ја водеше романската репрезентација во неколку наврати, од 1981 до 1986 година и од 2024 до 2026 година. Седеше и на клупата на Динамо Букурешт, тим со кој освои голем број титули како играч и беше еден од најдобрите крилни играчи во лигата на својата земја. Тој беше и тренер на Интер, како и на турската репрезентација.

 

ИЗДВОЕНИ