Македонија го освои првиот златен медал на Медитеранските игри „Таранто 2026“, а најзаслужен за големиот успех е каратистот Матеј Белистојаноски. Дваесет и едногодишниот прилепчанец блесна во категоријата до 67 килограми и стигна до највисокото место на победничкиот пиедестал. Во големото финале, Белистојаноски беше убедлив против Хрватот Боран Берак, кого го совлада со фантастични 6:0.
Нашиот каратист зад себе остави неверојатен натпреварувачки ден со четири победи. Белистојаноски во текот на турнирот освои вкупно 19 поени, додека неговите противници успеаја да постигнат само два. Уште во осминафиналето покажа дека е еден од главните фаворити за златото. Тогаш со 6:1 го совлада Мустафа Алмасалмех од Сирија. Во четвртфиналето беше подобар од Италијанецот Лука Мареска со 2:0. Следуваше полуфиналето против Гркот Георгиос Балиотис, кого го совлада со убедливи 5:1.
Во финалето против Берак, Белистојаноски не му остави простор на противникот да се надева на пресврт. Од почетокот до крајот, целосно го контролираше мечот и со чисти 6:0 ја завери шампионската титула. По последниот поен, следуваше голема прослава на македонскиот тим во салата во Таранто.
На церемонијата на доделување на медалите, гордо се слушна македонската химна во чест на нашиот млад шампион. Овој успех е уште еден доказ за огромниот потенцијал што го поседува Белистојаноски. Тој потекнува од Прилеп, каде што ги направи првите сериозни чекори во каратето како член на „Спорт 94 – Прилеп“. Денес настапува за „Олимпик спорт“, а 2026 година дефинитивно ќе остане запаметена како една од најуспешните во неговата кариера.
Во февруари Белистојаноски стана и европски шампион до 21 година во категоријата до 67 килограми на Европското првенство во Лимасол. Сега на својата колекција додаде уште едно големо злато, овој пат од Медитеранските игри. Со неговиот триумф, Македонија испрати моќна порака од Таранто и го прослави првиот златен медал. А македонската химна, која ечеше во Италија, беше најубавата награда за фантастичниот ден на Белистојаноски.











