Се очекува глобалната економија да се зголеми за околу три проценти во 2026 година, но ризиците за перспективите остануваат високи поради енергетскиот шок, рекордно високиот јавен долг, инфлациските притисоци и неизвесноста околу влијанието на вештачката интелигенција врз продуктивноста и финансиската стабилност, изјави директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева, по состанокот на министрите за финансии и гувернерите на централните банки на Г20 во Ешвил, Северна Каролина, соопшти финансиската институција.
Според неа, перспективите за светскиот економски раст се подобрија од април и се очекува раст од околу 3 проценти за 2026 година. Ова е сепак забавување во споредба со прогнозите на ММФ за 2025 година, според кои глобалната економија пораснала за 3,4 проценти.
Глобалната економија го преживеа енергетскиот шок подобро од очекуваното, благодарение на користењето на стратешките резерви на нафта и гас, новите извори на енергија и мерките за ограничување на побарувачката, рече Георгиева.












