среда, септември 23, 2026
Дома БАЛКАН Гаф на српската амбасадорка: Го бакна холандското знаме, мислејќи дека е српско/ВИДЕО

Гаф на српската амбасадорка: Го бакна холандското знаме, мислејќи дека е српско/ВИДЕО

0
screenshot X

Амбасадорката на Србија во Шпанија, Ирена Шарац, се најде во центарот на вниманието откако го бакна холандското знаме на еден настан, очигледно верувајќи дека станува збор за српското знаме.

Откако го бакна знамето, Шарац крена три прста кон камерата. Снимката брзо предизвика бројни реакции на социјалните мрежи, каде што амбасадорката беше изложена на потсмев и критики.

Шарац и претходно била во центарот на вниманието на јавноста. Пред две години во Мадрид, таа била физички нападната од лице за кое тогаш се известуваше дека е со албанско потекло.

Таа е дел од српската дипломатска служба повеќе од една деценија, а во текот на кариерата работела и во Грција и во Кина.

Нејзиното име претходно се спомнуваше и во врска со прашањето за потрошувачката на гориво во Амбасадата на Србија во Атина.

Како што објави српскиот весник „Блиц“ во 2016 и 2018 година, Шарац – заедно со тогашниот вршител на должност амбасадор во Амбасадата на Србија во Атина, Бранко Лазаревиќ, и конзулката Јелена Срдановиќ Џелебдиќ – наводно во официјалните документи евидентирале потрошувачка од 30 тони гориво во текот на двегодишен период.

Сепак, според податоците што тогашниот амбасадор на Србија во Атина, Душан Спасојевиќ, ги доставил до Министерството за надворешни работи на Србија, премиерот и Безбедносно-информативната агенција (БИА), реалната потрошувачка наводно била шест пати помала.

Подоцна, според медиумските извештаи, Шарац, Лазаревиќ и Срдановиќ Џелебдиќ биле повлечени од Грција во Белград на барање на грчките власти. Шарац и Срдановиќ Џелебдиќ го негираа ова, тврдејќи дека се вратиле во Србија на сопствено барање.

Вишото јавно обвинителство покрена предистражна постапка, но обвинителен акт никогаш не беше поднесен.

Во писмо до весникот „Данас“, адвокатот на Ирена Шарац тогаш изјави дека против неговата клиентка никогаш не била водена кривична постапка.

ИЗДВОЕНИ