вторник, јуни 16, 2026
Дома СПОРТ Фудбалот умира пред нашите очи!

Фудбалот умира пред нашите очи!

149
epa12874117 Real Madrid's Aurelien Tchouameni (up) in action against Bayern Munich's Serge Gnabry during the UEFA Champions League quarter finals first leg soccer match between Real Madrid and Bayern Munich, in Madrid, Spain, 07 April 2026. EPA/JUANJO MARTIN

Претседателот на Наполи, Аурелио де Лаурентис, повторно ја разбранува фудбалската заедница со своите предлози за радикални промени во играта, која, според него, е сè потешко да се задржи вниманието на помладата генерација.

Контроверзниот Италијанец смета дека натпреварите треба значително да се скратат и предлага полувремето да трае само 25 минути.

Неговиот став е јасен, тој тврди дека денешниот фудбал е премногу бавен и премногу оптоварен со одложување, што директно влијае на гледаноста, особено кај помладата публика.

Де Лаурентис особено ги критикува играчите за симулирање и често лежење на теренот, нагласувајќи дека таквото однесување го убива ритамот на играта. Според него, современите гледачи немаат трпение за бавно темпо, а лошите натпревари многу брзо ја губат својата публика.

„Кога натпреварот е здодевен, децата едноставно го исклучуваат телевизорот и одат да играат ФИФА на плејстејшн“, рече претседателот на Наполи, живописно објаснувајќи како фудбалот ја губи битката со дигиталната забава.

Друга работа што го мачи е малиот број голови. Тој верува дека ефикасноста е клучот за спектаклот и дека правилата треба да се променат за да се постигнат повеќе голови и да се зголеми привлечноста на играта.

Де Лаурентис особено се осврна на правилото за офсајд, кое често е предмет на контроверзии во ерата на ВАР-технологијата. Газдата на калчолигашот смета дека е неприфатливо да се поништуваат голови поради минимални, речиси невидливи разлики.

„Не можете да поништувате гол поради неколку милиметри. Офсајдот мора да се промени, и тоа драстично“, рече тој.

Неговите идеи сигурно ќе предизвикаат бројни реакции, бидејќи тие допираат до самата суштина на фудбалот каков што го знаеме, но некаде Де Лаурентис е апсолутно во право и сигурно е дека фудбалот има потреба од одредени промени.

Де Лаурентис е претседател на Наполи од 2004 година. Тој го презеде Наполи кога клубот беше на работ на банкрот и го врати од пониските лиги на врвот на италијанскиот фудбал. Под негово водство, Наполи го освои Скудетото пред две сезони, што е прва титула од ерата на Диего Марадона, а истото го повтори и изминатата сезона.

Тој е познат по контроверзните изјави и честопати несоодветното однесување, но и како еден од најголемите владетели во италијанскиот фудбал.

 

ИЗДВОЕНИ