„Фрида“, приватен проект во соработка со Драмскиот театар Скопје, првпат на македонската театарска сцена ја носи приказната за големата мексиканска уметница, Фрида Кало. Претставата, по текст на Драгана Левенска, а во режија на Тамара Стојаноска, претпремиерно ќе биде прикажана на 18 октомври во 20 часот, а праизведбата е на 19 октомври во 20 часот, во Драмскиот театар Скопје. Уметницата во претставата е прикажана –  зад портретите и легендата, како жена со нескротлив дух, тело обележано со болка и силна потреба да сака, да создава и да живее.

Во актерската екипа се: Драгана Левенска во улогата на Фрида Кало, Сашо Тасевски како Диего Ривера, Марија Бреслиска како Жозефина Бејкер и Марија Талеска како Кристина Кало.

– Во нашата претстава за големата уметница Фрида Кало, повеќе се осврнуваме на неа од човечки аспект и што значи да се создава низ болка. Се занимаваме со целиот нејзин живот и со нејзиното дело, меѓутоа, низ една призма на нејзината храброст. Таа била уметница со големи физички и емотивни болки, но одбирала да твори и целата своја ранливост и интимниот живот најискрено да го преточи во уметност.

Мислам дека е многу храбро да се твори кога ти е најтешко. Најчесто сите се откажуваме, меѓутоа Фрида Кало творела од потреба, не за слава или за да добие нешто од тоа. Таа не ги уживала придобивките на својата уметност, меѓутоа творела бидејќи морала да твори, бидејќи тоа бил нејзиниот филтер. И тоа ми беше едно од најинспиративните работи околу нејзиниот живот и дело. Заради тоа сакавме да се осврнеме на човекот зад иконата што сите ја познаваме, посочи режисерката Тамара Стојаноска на вчерашната прес-конференција. Таа додаде дека ова е претстава за живеењето, за тоа колку е убаво да си жив и да си присутен.

– Сето ова се обидов да го прикажам низ нашата претстава и се надевам дека ќе инспирираме барем еден човек во публиката, додаде Стојаноска.

Авторката на текстот и воедно актерката што го толкува ликот на Фрида Кало, Драгана Левенска, пак, посочи дека постои нешто во нејзиниот живот што ја поттикнало пред три години да започне со пишување на текст за претставата.

„За мене Фрида е многу важна и затоа си поставив уште едно прашање: Зошто Фрида денес? и Која е Фрида денес? Мојот одговор е дека Фрида, на некој начин, живее и во секого од нас. Буквално. Тука би ја нагласила жената како столб, како цврстина, како борбеност, како издржливост. Она што за мене беше многу интересно и инспиративно е да го најдеме човечното во Фрида. Тоа е исто и со ликот на Диего Ривера (големиот уметник, љубовник, сопатник, противник и нејзината најголема слабост). Денеска е многу лесно и едноставно да поставите на сцена една комерцијализирана Фрида која сите ја препознаваме, а многу е тешко да отидеме подлабоко и да видиме што се случува со таа Фрида што останува сама со себеси. Фрида што е зад затворените врати, онаа Фрида што твори, и што е со нејзиниот свет и што е, всушност, со нејзината болка. Кога ќе ги погледнеме нејзините дела, ќе видиме дека во неа има не само длабочина туку и многу болка, и многу емоција. И тука повторно се поставува прашањето како треба да ја канализираме болката и колку треба да ја прифатиме. Фрида не ја сакала само својата уметност туку таа го сакала и животот. И од својот живот создала една голема уметност“, посочи Левенска.

Актерот Тасевски, кој го толкува ликот на Ривера, истакна дека различните актерски концепти ѝ даваат нова сила и посебен печат на претставата.

Креативниот тим го сочинуваат и Филип Коруновски – сценограф, Иван Ивановиќ – костимограф, Марјан Неќак – композитор, Марта Поп Антоска-Башевска – изработка на накитот, Дарко Младеновски – дизајнер на светло, Ангелчо Петровски – вајар, Оливер Митковски – дизајнер на плакатот, Стефан Рајхл – фотограф, Анастасија Димковска – шминкер и фризер и Виктор Јовановски – лектор. (Д. Т.)

ИЗДВОЕНИ