Оние што сакаат да ги плаќаат поголемите сметки со банкноти ќе мора да се приспособат на новите европски ограничувања, а делењето на сумата на повеќе помали уплати нема да помогне. Од 10 јули 2027 година, во Европската Унија новите правила предвидуваат ограничување на готовинското плаќање во деловните трансакции, со цел да се спречат перењето пари и финансирањето тероризам.
Станува збор за европската уредба (ЕУ) 2024/1624, која ќе почне директно да се применува во земјите членки од наведениот датум и според правилата, трговците и давателите на услуги, по правило, нема да смеат да прифаќаат готовинско плаќање од 10.000 евра или повеќе. Ограничувањето ќе важи и кога ќе се обиде купувачот да ја подели сумата на неколку помали готовински уплати. Ако се тие дел од истата деловна трансакција, износите ќе се пресметуваат заедно. Дополнителни проверки ќе може да има и при готовинските трансакции од 3.000 евра. Во одредени случаи, купувачите ќе треба да го докажат својот идентитет со лична карта или со пасош.
Сепак, готовината нема целосно да исчезне од употреба. Исклучок ќе биде продажбата меѓу физички лица што не настапуваат во рамките на деловна или на професионална дејност, на пример, кога едно лице продава автомобил на друго. Важно е да се нагласи дека ограничувањето се однесува на ЕУ и само по себе не значи дека истите правила автоматски ќе важат и во Македонија.












