Санацијата и реконструкцијата на мостот над реката Брегалница, на регионалниот пат Р1204 во Штип, е во завршна фаза со што ЈПДП направи значаен чекор кон унапредување на безбедноста и подобрување на квалитетот и сигурноста на мостот.
Имено, Јавното претпријатие за државни патишта по извршените стручни инспекции, при кои беа утврдени оштетувања на конструктивните и функционалните елементи на мостот, пристапи кон реализација на неопходните санациски активности. Фокусот на проектот беше ставен на подобрување на состојбата на мостот, неговата функционалност и безбедноста при користење.
Реконструкцијата опфати санација на постојниот мост со вкупна должина од 98,5 метри и вкупна ширина со тротари од околу 10 метри, и претставува значаен дел од инфраструктурата на градот Штип. Во моментов се асфалтира мостот по што следува тестирање на издржливоста.

– Работите се реализираат со акцент на квалитетот на изведбата, примената на соодветни технички решенија и почитувањето на предвидените стандарди, со цел да се обезбеди поголема сигурност и продолжување на животниот век на објектот. Изведувач на работите беше Синтек Инженеринг, а инвестициона вредност беше околу 28.000.000 денари (455.000 евра) – информираат од ЈПДП.
Од Јавното претпријатие за државни патишта очекуваат веќе утре по завршување на тестирањето мостот да биде ставен во функција и пуштен за сообраќај.
– Со завршувањето на овој проект придонесуваме кон побезбедно одвивање на сообраќајот, подобрени услови за сите учесници во сообраќајот и поквалитетна патна инфраструктура за граѓаните на Штип. ЈПДП и натаму продолжува да вложува во безбедна, сигурна и квалитетна инфраструктура во интерес на граѓаните – велат од ЈПДП.












