Дебитантското долгометражно остварување на Андреј Волкашин, „Сладоста на горчливите нешта“, ќе ја доживее својата светска премиера на 17 ноември, во рамките на 30. издание на филмскиот фестивал „Црни ноќи“ во Талин, кое ќе се одржи од 6 до 22 ноември. Mакедонскиот игран филм ќе биде прикажан во програмата на први долгометражни филмови (First Feature Competition).  Сценариото го потпишува режисерот Волкашин, а продуцент е Елена Станишева.

Според, продуцентката Станишева, станува збор за искрена, локална приказна што ја разработува темата на љубовта.

– Иако ова e женски филм, мислам дека секој од нас ќе се пронајде во таа забранета љубов, желба, копнежи, стравови. И за она со што ќе се соочиш со самиот себеси во еден момент, кога те соочува животот со тоа – рече на денешната прес-конференција Станишева, кога ја најави премиерата во Талин.

Режисерот Волкашин, пак, рече дека дебитантски филм се прави исклучително долго и страсно и дека инспирацијата му дошла од неговиот роман „Тажна приказна за среќни луѓе“, но филмот не е негова екранизација.

– Јас сум од мало место, каде што традицијата е прилично ригорозна и има многу јасни барања за тоа какви треба да бидат мажите и жените, а особено е ригорозна кон жените. Додека го пишував романот, сфатив дека жените во поширокото мое опкружување и во фамилијата во која пораснав се вистински херои што се борат со толку многу нешта, тие се столбовите на општеството и одговараат толку стоички на сите барања што ги бара општеството од нив. Пишувајќи ја таа биографска приказна во романот за мојата баба, некако си замислив што би било ако му дадам на еден таков лик некоја многу голема и срамна тајна, а во контекст на нашето разбирање во општеството за тоа што е срамно. И така се појави ликот на Дора во филмот, која е совршен пример за мајка, жена, ќерка според нашата традиција и дава љубов на сите, освен на себе. И нејзе ѝ дадов еден сериозен проблем за да истражиме што се случува со луѓето што се раскинати помеѓу тоа што им кажува општеството дека треба да бидат и тоа што понекогаш се буди во нив – посочи режисерот.

Главниот лик во филмот, Дора, го толкува актерката Зорица Нушева.

– Дора, за мене, беше патување на болка и надеж во исто време. Станува збор за лик што е длабоко, емотивно слоевит и во многу наврати контрадикторен, како што е и самиот наслов на филмот „Сладоста на горчливите нешта“. Така и Дора, која се движи меѓу грижата, страстите, тајната и вината. Таа постојано е во борба меѓу грижата за семејството и куќата, од една страна, и искрените желби и страсти, од друга страна, меѓу светлината на домот и темнината на сопствените сенки. Жена што ја истражува својата сексуалност, но со вина и со страв од осуда, што не е реткост, особено кај жените што доаѓаат од рурални и од патријархални општества. И токму во таа контрадикторност се наоѓаат човечноста и силата, а во исто време и кревкоста на ликот – истакна Нушева.

Актерот Лео Долорес Поповиќ ја толкува улогата на Бендида, што, како што беше речено, претставува персонификација на природните сили, на еден импулс, на страста, на желбата за живот, на сето она што го има потискано ликот на Дора во себе, сè додека не се појави Бендида во нејзиниот живот и не почне да ги носи тие бури што се случуваат и во природата околу нив, а најмногу во Дора внатре.

– За мене, Бендида може да биде секој. Мислам дека сите имаме Бендида во животот и дека Бендида е сè што доаѓа како ураган, става огледало пред тебе и изискува да се погледнеш и едноставно нема бегање. Без разлика колку и да има срам и вина, што и да е и која и да е проблематиката, на Бендида, пред сè, ѝ пријдов повеќе како симбол и како архетип на нешто што го претставува таа, а помалку како лик – рече актерот Поповиќ, истакнувајќи дека ова било една од улогите за која морал најдлабоко во себе да допре, што не било пријатно, но, сепак, прекрасно искуство.

Филмот се снимал во селото Петрово, Гевгелиско, како и во Демир Капија.

Како што истакна режисерот Волкашин, со актерите успеале да ги направат ликовите во филмот многу живи и реални, а приказната да ја сместат на локација што изобилува со прекрасни пејзажи од Македонија, кои многу ретко се гледаат кај нас во кино и да претстават екосистем од мало место што, исто така, останало скриено.

Како што посочи Сашко Мицевски, директорот на Агенцијата за филм, станува збор за уште едно македонско дело што на многу убави начини ја промовира нашата држава.

– Ова е исклучително атмосферски филм, снимен на локација што навидум не е толку филмска, но е многу филмска. Агенцијата го поддржа филмот на конкурс во 2020 година, со 19 милиони денари – рече Мицевски.

Додаде дека поради динамичниот перформанс и методите на глума на Поповиќ, тој е избран од страна на Агенцијата за филм за македонски кандидат за престижната европска награда „Шутинг старс“, која секоја година ги промовира најнадежните млади актерски таленти во Европа.

Покрај Нушева и Поповиќ, другите улоги во филмот ги толкуваат Јана Никодиновска, Ана Костовска и Гораст Цветковски. Директор на фотографија е Кирил Проданов, сценограф е Бојана Бучварова, арт-директор Влатко Чачоровски, монтажер Невелин Вулчев, музиката е на Ален и Ненад Синкауз, дизајнер на звук Марко Наумовски, костимограф Илина Чолак, а шминка и фризура – Симона Ристевска. „Сладоста на горчливите нешта“ е во продукција на „Веда филм“ од Македонија, во копродукција со „Скрининг емоушнс“ од Бугарија и „Студио Корвус“ од Хрватска. Филмот е поддржан од македонската Агенција за филм, Бугарскиот национален филмски центар, Хрватскиот аудиовизуелен центар и од „Еуроимаж“. (Н. И. Т.)

ИЗДВОЕНИ