Додека австриската престолнина се подготвува за 70-то издание на Евровизискиот натпревар за песна, виенската полиција се подготвува за протести против учеството на Израел на натпреварот, додавајќи дека Евровизискиот натпревар ќе биде еден од најголемите безбедносни предизвици со кои се соочиле.
Финалните подготовки за Евровизија се во полн ек во Виена, со мостови на Дунавскиот канал осветлени ноќе во боите на „Евровизија“, велосипедска патека на плоштадот „Урбан-Лориц-Плац“, велосипедски држачи во евровизиски дизајн, трамваи на јавниот превоз во Виена или шарениот мост Копа на Дунавскиот остров.
Од друга страна, фестивалот на поп музиката се одржува во особено напнати околности, бидејќи пет национални радиодифузери, вклучувајќи ги шпанската RTVE и ирската RTE, го бојкотираат натпреварот поради војната на Израел во Газа, објави Ројтерс.
Виенската полиција на прес-конференција во вторник изјави дека неколку протести против и во корист на учеството на Израел се регистрирани за време на неделата на Евровизија, кога се очекуваат две полуфиналиња и финална вечер.
Протестите мора да се пријават со известување од 48 часа однапред.
Полицијата е особено загрижена поради протестот што е најавен за 15 мај, вечерта на финалето, кога Палестинците го одбележуваат Денот на Накба, денот на губењето на нивната земја во 1948 година и создавањето на државата Израел.
Според најавите на полицијата, летовите со беспилотни летала ќе бидат забранети во радиус од 1,5 километри од салата каде што се одржува натпреварот, додека Федералното истражно биро на САД ќе формира работна група во Њујорк, за да им бидат достапни на австриските власти сите опции за борба против сајбер заканите.












