Повеќе од 450.000 Руси ги загубиле животите во војната во Украина, според протечени податоци од руската државна статистичка агенција „Росстат“, анализирани од хакерската група „Silent Crow“. Како резултат на тоа, од 2022 година, војната стана четврта водечка причина за смрт во Русија, пренесува „The Moscow Times“, кој не можеше целосно да ја потврди автентичноста на збирката податоци.
Од септември 2022 година, Москва официјално не ги објавува своите загуби на бојното поле, а независните проценки ги отфрла како неверодостојни. Според „Москоу тајмс“ (Moscow Times), бројките од базата на податоци на „Росстат“ (Rosstat) покажуваат дека војната во Украина е најсмртоносниот руски конфликт по Втората светска војна – далеку надминувајќи ги 13.000 советски војници кои загинаа за време на деветгодишната војна во Авганистан.
Податоците беа прибавени од хакерските групи „Белоруски сајбер партизани“ (Belarus Cyber Partisans) и „Сајлент кроу“ (Silent Crow) за време на нападите врз „Росстат“ на 29 октомври и 1 ноември. Двете групи се забранети во Русија и се означени како „екстремистички организации“.
„Ова е најзначајното протекување на податоци во врска со руските жртви. Сметам дека може да се смета за утврден факт оти војната никогаш не била посмртоносна отколку што е сега“, изјави Јанис Клуге, раководител на Одделот за истражување на Русија и Евроазија при Германскиот институт за меѓународни и безбедносни прашања.
Проценката на групата „Silent Crow“ ги вклучува цивилите загинати во воздушни напади, како и за време на украинскиот упад во Курската област во 2024 година. Во неа не се земени предвид исчезнатите војници, ниту пак смртните случаи меѓу приближно 27.000 странски државјани регрутирани во руските вооружени сили; затоа, вкупниот број на загинати е веројатно поголем.
„The Moscow Times“ вкрстено ги провери податоците за 50 случајно избрани имиња – земени од евиденцијата за жртви што ја водат „Mediazona“ и рускиот сервис на Би-Би-Си – со оние од протечената база на податоци, иако не беше можно да се потврдат сите податоци.
Сепак, бројките се во согласност со другите проценки. На почетокот на септември, британското Министерство за одбрана соопшти дека на руска страна загинале повеќе од половина милион луѓе, додека вкупниот број на загинати и ранети би можел да достигне 1,5 милиони.












