Иако има 45 години, Фернандо Алонсо нема намера лесно да се откаже од Формула 1. Двократниот светски шампион сака да остане во најбрзиот циркус и по истекот на актуелниот договор со Астон Мартин. Според информациите што ги пренесуваат новинарите, Шпанецот поставил јасен услов за продолжување на соработката. Тој наводно бара договор вреден 40 милиони евра од сезона, за 2027 и 2028 година. Тоа би било значително зголемување во однос на актуелната плата. Астон Мартин во моментов му исплаќа околу 30 милиони евра од сезона, па неговото барање не е воопшто мало. Особено ако се земе предвид неговата моментална сезона, во која досега има освоено само еден бод. Сепак, ситуацијата не е толку едноставна, бидејќи Астон Мартин има еден од најслабите болиди на гридот во 2026 година. Затоа Алонсо тешко може да биде обвинет за слабите резултати, особено со оглед на своето огромно искуство. Од друга страна, можно е големото барање да биде и негов тактички потег. Доколку тимот не сака да му понуди 40 милиони евра, тој би можел да ја искористи ситуацијата како совршен момент за крај на кариерата. Сепак, доколку Лоренс Строл реши да го прифати барањето, ништо нема да го спречи легендарниот Шпанец да продолжи да вози.

Алонсо е двократен светски шампион и човекот што со Рено ја прекина доминацијата на Михаел Шумахер. Трипати завршуваше како вицешампион во Ферари, а во 2019 година се повлече од Ф1. По една година во која беше тест-возач, се врати во 2021 година и повторно покажа дека годините не му се најголем проблем. Во 2023 година, стигна до четвртото место во генералниот пласман со Астон Мартин.

Сега пред него е, можеби, најтешката одлука во кариерата: да прифати помала плата и да се надева на подобар болид или да остане доследен на своето барање од 40 милиони евра. Очигледно, тој сè уште сака да се натпреварува, но останува прашањето дали Астон Мартин е подготвен толку скапо да ја плати неговата желба за продолжување.

 

ИЗДВОЕНИ