– Централната тема на „Федра“ е љубовта. Во двата текста, љубовта на Федра е општествено-политички некоректна. Во двата случаи, љубовта не може да се инкорпорира во општеството во кое живее. Ако кај Расин љубовта е грев, да се сака е грев и во еден клучен драматуршки момент, ликот на Федра се задушува во вина, во самопрезир, во Федра кај Сара Кејн љубовта доаѓа до едно ниво на брутално уништување, на една крајна фрустрација, рече актерката Јелена Жугиќ, која ја толкува Федра во диптих-претставата во режија на Дино Мустафиќ, работена според текстовите на Жан Расин и на Сара Кејн
„Федра – Aнтропологија на една желба“ e диптих-претставата, која во режија на босанскиот режисер Дино Мустафиќ, а работена според текстовите на Жан Расин и на Сара Кејн, премиерно ќе биде изведена на 19 септември во 20:00 часот, во Драмски театар Скопје.
„Федра“ од францускиот драматург Расин е трагедија од 17 век, базирана на старогрчкиот мит. Главна тема е забранетата љубов на Федра (сопруга на атинскиот крал Тезеј) кон нејзиниот посинет син Хиполит. Трагедијата го истражува внатрешниот конфликт меѓу страста, моралот, вината и судбината.
„Љубовта на Федра“, пак, на британската авторка Кејн е современа адаптација од крајот на 20 век на класичниот мит. Главната тема е деструкцијата на модерното општество, емоционалната празнина, нихилизмот. Кејн го преиспитува концептот на страста во свет лишен од морал, каде што искрените чувства се претвораат во патологија и насилство.

– Станува збор за две независни претстави што може да се играат како сценски диптих, но може и независно една од друга. Единственото сврзно ткиво е Јелена Жугиќ, која ја толкува Федра во двете претстави – рече на денешната прес-конференција директорот на Драмски театар, Роберт Вељановски, истакнувајќи дека, покрај Жугиќ, во двете претстави играат одделни актерски екипи.
Всушност, диптихот ги спојува „Федра“ на Расин и на Кејн во една театарска вечер и ги соочува двете епохи, двете драматургии и двата радикално различни сценски света.
Како што посочи режисерот Мустафиќ, кој по речиси 18 години повторно се враќа во Драмски, идејата да се постават две претстави не дошла едноставно.
– Со години зборувам за Федра со Жугиќ и морам да кажам дека секогаш ги споменував двата текста. Кога ги читав двете Федри, видов дека иако станува збор за разлика од 300 години во текстовите, всушност станува збор за феноменот на желбата. А таа желба е желбата за љубов, љубовта како идеал, како морална координата, во различни епохи, па дури и во различни културолошки и цивилизациски референции, која останала иста и во однос на антропологијата и во однос на онтологијата. Значи, и филозофски и антрополошки останала идентична таа желба за љубов како пат кон нешто што е исклучително, искуствено важно за секој од нас на емоционално ниво. Значи, обете претстави претставуваат преиспитување на митот – рече Мустафиќ.
Додаде дека Федра отсекогаш, од античките Хелени, преку Римјаните, класицизмот, до современите толкувања, служела и како парадигма за поетите, сликарите, филозофите да зборуваат за жената и за нејзиниот „грев“.
– Каде е тој грев? Дали е грев само затоа што сака да ја исполни својата душа со љубов? Како гледало општеството од тоа време на тоа, како реагирал системот на тоа, каков е општиот однос помеѓу моќта и жените или воопшто помеѓу љубовта како идеал, внатрешната вистина што честопати сме принудени да ја криеме поради разни околности? – праша Мустафиќ и рече дека сака театар со многу прашања, а со минимални одговори.
Додаде и дека претставите се наречени сценски диптих, бидејќи кога се гледаат една по друга, тие се во одреден дијалог.
– Во нив постојат некои музички мотиви, визуелни, а потоа и значајни, семантички, кои ги поврзуваат двете претстави, но може да функционираат како две целосно независни целини, како веројатно понатаму и ќе живеат на репертоарот на Драмски театар – истакна режисерот.

Првенката на Драмски, Жугиќ, која ја толкува Федра, рече дека претставата е обработка на една историја, на една трагедија, поради една желба на една жена.
– Федра не е мит, Федра е една современа жена, која може да ја сретнеме во секојдневниот живот, која, како и секој човек и секоја жена, истовремено е и грешник и жртва. Централната тема на „Федра“ е, всушност, љубовта. Во двата текста, љубовта на Федра е општествено-политички некоректна. Во двата случаи, љубовта не може да се инкорпорира во општеството во кое живее. Ако кај Расин љубовта е грев, да се сака е грев и во еден клучен драматуршки момент, ликот на Федра се задушува во вина, во самопрезир, во Федра кај Сара Кејн љубовта доаѓа до едно ниво на брутално уништување, на една крајна фрустрација. И од двете неможности на Федра да ја инкорпорира својата љубов, да ја реализира таа своја желба, самоубиството доаѓа како еден последен чин на бунт против она општество во кое што не може да живее таа љубов – истакна Жугиќ.
Додаде дека љубовта во нашата човечка цивилизација не може да живее затоа што ние некако не сме научиле да сакаме.
„Мислам дека не научивме да сакаме оти емоцијата, кога гледаме историски, но и денес, е политички некоректна. Федра станува субверзивна на некој начин. Бидејќи тоа е експлицитно сакање, рушење на одредени табуа – во текстот на Расин, но иако кај Кејн не е табу тоа, сепак доаѓа до брутално уништување и до деструкција“.
Истакна и дека покрај предизвикот да се толкува еден лик во две претстави, во суштина многу сакала и требало да ја одигра Федра, оти и таа лично, како и Федра, се занимава со некои прашања цел живот.
– Федра, жената има право на живот, има право на желба, има право на љубов – посочи Жугиќ, истакнувајќи дека во оваа точка се спојуваат двата текста, двете претстави, кои се комплетно различни, потцртувајќи дека Федра заминува во самоубиство како чин на најголем протест.

Во улогата на Тезеј во „Федра“ на Расин, пак, настапува првенецот на Драмски театар Скопје, Дејан Лилиќ. Како што истакна тој на прес-конференцијата, проблемот во нашето општество е што ние не се слушаме.
– Неслушањето, всушност, и доведува до трагедијата во „Федра“. Тезеј е еден од оние луѓе што можеме да ги видиме насекаде низ светот. Гледаме дека тие не слушаат, туку си ги туркаат своите филмови, своите идеи, пред сѐ заради лични интереси. Личниот интерес, неслушањето, борбата за власт, борбата да се биде тука… и самото тоа што сакаме да си играме богови, го доведува светот во оваа ситуација каква што е и го доведува драмското дејство во нашата „Федра“ од Расин до таму каде што е – рече Лилиќ.
Додаде дека иако на крај, нормално, каењето постои – работата веќе е завршена.
– И тогаш почнуваме повторно и повторно од почеток. Цивилизациски веќе со векови го правиме истото. Јас се надевам дека ќе се научиме да слушаме и нема да им робуваме само на своите лични интереси, и тогаш мислам дека и овој свет ќе стане подобар – додаде тој.

Улогата на Тезеј во „Љубовта на Федра“ ја толкува Александар Степанулески. Двата Хиполита се Лазар Христов и Леонардо Лазов, едниот кај Кејн, вториов кај Расин. Другата актерска екипа на диптихот ја сочинуваат и: Ивана Павлаковиќ, Нина Елзесер, Златко Митрески, Јована Спасиќ, Трајанка Илиева-Вељиќ кај Расин, како и Ања Митиќ, Дениз Абдула, Томислав Давидовски, Марјан Наумов и Гордана Ендровска кај Кејн.
Покрај Мустафиќ, останатата креативна екипа ја сочинуваат: Димче Николовски – асистент на режисерот, Драгутин Броз – сценографија, Антонија Гугинска-Јорданоска – костимографија, Влатко Стефановски – музика и Филип Петковски – сценски движења. Драматурзи се Александра Бошковска за „Федра“ и Викторија Рангелова-Петровска за „Љубовта на Федра“, а фотограф е Драган Гајиќ. (Н. И. Т.)








![[Интервју] Габриела Бабник Уатара, словенечка романсиерка: Литературата понекогаш мора и да боли и да биде бескомпромисна](https://www.vecer.press/wp-content/uploads/2026/09/babnik-prva-218x150.jpg)



