понеделник, септември 14, 2026
Дома СВЕТ КРИЗА НА ДОВЕРБАТА: Европејците сакаат силна и обединета Европа, но дали тоа...

КРИЗА НА ДОВЕРБАТА: Европејците сакаат силна и обединета Европа, но дали тоа може да се постигне?

2

Големо мнозинство Европејци сакаат силна, обединета и независна Европа, но се прашуваат дали тоа може да се постигне. Тоа го покажа новата студија која сугерира дека кризата на доверење ширум континентот создава плодно тло за крајно десничарските наративи за пропаѓање.

Извештајот, заснован на одговорите на 5.800 испитаници од Франција, Германија, Италија, Холандија, Полска и Велика Британија и анализа на начинот на кој во Европа се разговара за политиката и медиумите во 15 земји, прикажува амбициозна, но разочарана европска јавност, пренесе „Гардијан“.

Истражувањето покажа дека 68 отсто од испитаните зборувале за Европа во смисла на „општо влошување или губење на нормалноста“, додека само 12 отсто сегашниот момент го гледаат како време на „европско будење и обнова“.

Како водечки предизвици пред Европа, 43 отсто од испитаниците ја гледаат војната, 33 отсто економските притисоци, а 29 отсто потребата за поголема автономија. Сепак, 74 отсто изјавиле дека Европа не се справува добро со тие предизвици, а 56 отсто сметаат дека нејзината иднина е „во опасност“.

Проблемот, како што се наведува, не е недостатокот на амбиција — речиси три четвртини од испитаните имаат силна европска визија за единство и политичка интеграција, безбедност или просперитет, додека само 13 отсто зборуваат за „помала Европа“ или распаѓање на ЕУ.

Истражувачот од Европскиот совет за надворешни односи (ECFR), Павел Зерка, смета дека проблемот не е во тоа што луѓето повеќе не сакаат посилна Европа, „туку во тоа што повеќе не веруваат дека таа е остварлива“, пренесе „Гардијан“.

Зерка изјави дека луѓето можат да ја замислат Европа каква што ја сакаат, но дека им е тешко да го замислат патот „до местото каде што сакаат таа да биде“.

„Тоа се прашања на политиката, а не само на комуникацијата“, додаде Зерка.

Една недела пред говорот за состојбата на Унијата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на ЕУ, според Зерка, ѝ се потребни „помалку големи ветувања“, а повеќе „докази за патеката“ на Унијата.

Во студијата, европските гласачи се класифицирани во четири категории: позитивни (19 отсто), негативни (39 отсто), неповрзани (12 отсто) и несигурни (31 отсто).

Позитивните ја гледаат тековната криза како катализатор за посилна, поинтегрирана ЕУ, негативните веруваат дека најдобрите денови на Европа се минато, неповрзаните се генерално апатични, додека несигурните споделуваат проевропски вредности, но се сомневаат во способноста на континентот да делува одлучно.

Речиси половина од луѓето во Франција, Германија и Италија, како и речиси сите гласачи на крајната десница — како германската AfD, француското Национално собирање, холандската PVV и британската Реформа — се во групата на негативните, при што 83 отсто зборуваат за Европа во смисла на загуба и пад.

Се наведува и дека третина од испитаниците во сите земји опфатени со истражувањето во одговорите споменале „европска бавност“, а речиси третина укажале на неспособноста на блокот да остане на својот став кога ќе се соочи со моќни актери, при што како посебно понижувачки ги оцениле неодамнешните царински отстапки на Унијата кон Доналд Трамп.

Зерка изјави дека групата на несигурни е клучна за идната патека на Европа и дека лидерите треба да им се обраќаат ним, наместо да им „проповедаат на позитивните или да им се поклонуваат на негативните“.

За разлика од твркорните евроскептици, несигурните гласачи се силно емотивно поврзани со европскиот проект, но се отуѓени од институционалната инерција, бирократијата и перципираната геополитичка слабост.

Според зборовите на Зерка, повторното освојување на оние кои се сомничави би барало од политичарите да покажат дека заедничката европска акција може да ги реши домашните кризи — од енергетската сигурност и одбраната, до климатските промени и кризата со трошоците за живот.

ИЗДВОЕНИ