понеделник, септември 14, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Цените на дизелот рушат рекорди! Трамп удри по Зеленски: „Престанете да ги...

Цените на дизелот рушат рекорди! Трамп удри по Зеленски: „Престанете да ги уништувате руските рафинерии!“

48

Американскиот претседател Доналд Трамп ја повика Украина да престане со нападите врз руските рафинерии и капацитетите за производство на дизел, тврдејќи дека украинските напади придонесуваат кон глобален недостиг и нагло зголемување на цените на горивото.

„Господин Зеленски треба да направи една работа. Треба да престане да го уништува дизел-горивото во Русија“, им рече Трамп на новинарите за време на посетата на неговиот терен за голф во округот Клер, Ирска.

Сепак, тој не побара од Украина целосно да ги запре нападите врз руската територија. „Нека напаѓа цели, но не и дизел-гориво, бидејќи тоа предизвикува недостиг“, рече тој.

Трамп тврди дека растот на цените на дизелот е последица на војната меѓу Русија и Украина, а не на конфликтот со Иран или на прекините во снабдувањето со нафта од Блискиот Исток, пренесува „Политико“.

„Блискиот Исток не го предизвика ова. Ова е резултат на она што се случува со Русија и Украина. Разговаравме со г-дин Зеленски за тоа. Има многу други цели. Не го напаѓајте дизел-горивото, бидејќи тоа му штети на светот“, рече Трамп.

За Киев, откажувањето од нападите врз руската енергетска инфраструктура би претставувало значителна промена во стратегијата. Во последните месеци, Украина изведува напади со беспилотни летала и ракети длабоко во руската територија, гаѓајќи ги руските рафинерии и другата енергетска инфраструктура, со цел да ги зголеми економските трошоци за Москва за продолжување на инвазијата.

Трамп не е првиот функционер од неговата администрација што ги поврзува украинските напади со растот на цените на горивото. Американскиот секретар за енергетика Крис Рајт минатата недела изјави дека ситуацијата со дизелот е затегната бидејќи руските рафинерии претрпеле значителни оштетувања. Секретарот за финансии Скот Бесент, исто така, дел од енергетскиот шок го припиша на украинските напади врз руските енергетски капацитети.

Европски функционер: Енергетското примирје мора да важи за двете страни

Висок европски функционер вклучен во преговорите посредувани од САД остро го отфрли аргументот на Трамп. Тој тврди дека, пред американските избори, Вашингтон бара виновник за растот на цените на енергијата и дека рускиот извоз на нафта и дизел не е од клучно значење за потрошувачката во САД.

„Ако САД сакаат Украина да престане да ги гаѓа руските рафинерии“, додаде тој, тогаш треба да побараат и Русија да престане да ја напаѓа украинската енергетска мрежа“.

„Енергетското примирје мора да биде взаемно“, изјави тој.

Сепак, Москва во моментов не покажува намера да ги запре своите напади. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во саботата изјави дека руските воени операции нема да бидат запрени за време на преговорите со Украина.

ИЗДВОЕНИ