И покрај забелешките за судењето, од Кикбокс маитаи федерацијата на Македонија се презадоволни од организацијата на Европското првенство во Скопје, кое добило исклучително позитивни оценки од раководството на ВАКО, претставниците на националните федерации и самите учесници.
Претседателот на КМФМ, Дејан Митровски-Урко, истакнува дека шампионатот бил организиран на највисоко техничко и организациско ниво, без ниту еден застој или пропуст, а сите предвидени активности биле реализирани според планираното.
- Настанот беше оценет како едно од најдобро организираните првенства досега, реализирано на највисоко организациско и техничко ниво, без ниту еден технички застој или организациски пропуст. Особено значајни беа признанијата од гостите, кои истакнаа дека досега никаде не биле пречекани и угостени на вакво ниво, вели Митровски.
Тој додава дека од странските делегации пристигнале пофалби за гостопримството, протоколот и за целокупната реализација на шампионатот, при што било истакнато дека Европа може да учи од Македонија кога станува збор за организација на спортски настани од ваков ранг.
Со тоа, покрај освоените девет медали, Македонија доби и значајно меѓународно признание за успешното домаќинство на еден од најголемите европски кикбокс собири.











