четврток, јули 30, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Европа започнува проект вреден 30 милијарди евра и влегува во „војна“ со...

Европа започнува проект вреден 30 милијарди евра и влегува во „војна“ со Америка: Се подготвуваат до 100.000 чипови, со рок од 18 месеци

0
EPA/OLIVIER HOSLET

Во четвртокот, ЕУ даде зелено светло за плановите за финансирање на седум компјутерски центри вредни повеќе милијарди евра, наменети за обука на модели на вештачка интелигенција во Европа.

Покренувањето на официјалниот процес за седум индустриски конзорциуми подготвени да изградат „гига-фабрики“ за вештачка интелигенција го исполнува ветувањето дадено од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на минатогодишниот самит за вештачка интелигенција – да ѝ се помогне на Европа да го надомести заостанувањето во трката за развој на оваа технологија.

На компаниите што се занимаваат со вештачка интелигенција им е потребна огромна компјутерска моќ за обука на напредни модели, што ги поттикнува напорите за изградба на специјализирани центри за податоци. ЕУ има за цел да поддржи четири помали центри за податоци – секој опремен со 25.000 до 75.000 специјализирани чипови за вештачка интелигенција – и три поголеми, секој со 40.000 до 100.000 чипови.

Комисијата ќе ги избере победничките понуди до почетокот на следната година, по што компаниите ќе имаат рок од 18 месеци да ја завршат изградбата. Оние што ќе реализираат помали проекти би можеле да добијат до 1 милијарда евра јавни средства, додека поголемите проекти би можеле да обезбедат до 2 милијарди евра.

ЕУ воспостави „големо јавно-приватно партнерство“ за обезбедување на средствата, изјави во четвртокот висок претставник на Комисијата. Комисијата досега има издвоено една милијарда евра и предвидува дополнителни 4 милијарди евра во рамките на следниот долгорочен буџет на ЕУ, иако признава дека овој износ сè уште е неизвесен поради тековните буџетски преговор.

Јавното финансирање не треба да надминува 35 проценти од вкупната инвестиција; Комисијата наведува дека, во комбинација со приватни средства, инвестицијата би можела да достигне 30 милијарди евра.

Конкуренција со САД
Пратениците на ЕУ и набљудувачите од индустријата покренаа прашања во врска со плановите, вклучително и дали ќе има доволна побарувачка од компаниите за вештачка интелигенција за компјутерската моќ генерирана од центрите за податоци и дали иницијативата ќе ја продолжи зависноста од странска технологија, со оглед на тоа што сите напредни компјутерски чипови се произведуваат во САД.

Висок функционер на Комисијата ги отфрли овие критики, наведувајќи дека сегашната инфраструктура е веќе „заситена со побарувачка“.

Функционерот призна дека американските добавувачи на вештачки интелигентни чипови, како што е Nvidia, се „сеприсутни“, но забележа дека други добавувачи би можеле да помогнат во следната фаза на надградба на објектите.

ИЗДВОЕНИ