Земјите-членки на ЕУ се согласија да воведат санкции против Ксенија Фјодорова, поранешна раководителка на француската филијала на руската радио и телевизиска мрежа „Раша тудеј“ (Russia Today).
Фјодорова е санкционирана поради учество во странски манипулации со информации и мешање во внатрешните работи и демократските процеси, соопшти Европската унија.
Се наведува дека Фјодорова „учествувала во спроведувањето и ширењето на уредувачката политика на RT France, вклучително и проруските наративи во контекст на руската агресија врз Украина“.
Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро ја поддржа одлуката на ЕУ во објава на платформата X. „Нашата решеност е апсолутна: оние што веруваат дека можат неказнето да дејствуваат непријателски против нашата демократија, ќе се соочат со последиците“, рече тој.
Француското Министерство за внатрешни работи, кое ја означи руската новинарка како пропагандист на Кремљ, во јули издаде налог за депортација поради загрозување на француските интереси и јавниот ред додека таа престојувала во странство.
Францускиот информативен канал „Си-Њуз“ и радиостаницата „Јуроп 1“, кои се во сопственост на конзервативниот милијардер Винсент Болоре, претходно ја имаа ангажирано Фјодорова.
Француската филијала на руската државна телевизиска мрежа RT на почетокот на 2023 година објави дека ја прекинува работата откако беше вклучена во пакетот санкции на ЕУ, иако нејзината веб-страница останува активна и емитува видеопрограми, пренесе „Хина“.












