петок, септември 25, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА ЕУ се соочува со најтешката зима од 2022 година

ЕУ се соочува со најтешката зима од 2022 година

0

Европската Унија би можела оваа зима да се соочи со сериозни проблеми поради рекордно високите цени на енергенсите и можните потешкотии во снабдувањето од Соединетите Американски Држави, изјави европскиот комесар за енергетика и домување, Дан Јоргенсен.

Тој во интервју за „Фајненшел тајмс“ го повика американскиот претседател Доналд Трамп да овозможи што послободен проток на енергенси, оценувајќи дека тоа би било во интерес и на САД и на Европската Унија.

„Меѓутоа, дури и ако снабдувањето продолжи, Европа би можела да се соочи со многу тешка зима“, рече Јоргенсен.

Европската комисија, според неговите зборови, разгледува различни мерки кои би можеле да придонесат за намалување на цените на енергенсите. Тоа доаѓа по повикот на францускиот претседател Емануел Макрон да се одложи примената на построгите правила што се однесуваат на увозот на метан, како и да се ублажат одредени прописи за преработка на горивото.

Јоргенсен ги повика членките на ЕУ да размислат за намалување на даноците на електричната енергија, но и да продолжат со инвестициите во обновливи извори на енергија.

Во меѓувреме, цените на дизелот во Европа се приближуваат до рекордни нивоа. Пазарот дополнително го уплаши изјавата на Трамп дека намерава да поддржи забрана за извоз на американски дизел.

Трговците предупредуваат дека таквата одлука би можела сериозно да ја погоди Европа, имајќи предвид дека Соединетите Американски Држави се меѓу клучните снабдувачи со енергенси за европскиот пазар.

Според раните податоци на Европската комисија што ги пренесе АФП, цената на дизелот во Европа достигна историски максимум од 2,23 евра за литар.

Извршниот директор на Меѓународната агенција за енергетика, Фатих Бирол, претходно исто така предупреди дека претстојната зима би можела да биде тешка за европските земји поради ниското ниво на залихи на гас во складиштата и проблемите со снабдувањето.

Меѓу факторите што влијаат врз енергетската ситуација во Европа, Бирол ги наведе и последиците од политиката на Европската Унија кон Русија.

ИЗДВОЕНИ