Брисел ја шири мрежата низ светот – Канада, Австралија и Нов Зеланд на врата, регионот во чекалница
По Канада, од преку Атлантскиот Океан, и Австралија и Нов Зеланд од другиот крај на светот влегуваат во опција за т.н. „придружно членство“ во Европската Унија. Брисел со тоа отвора нова формула меѓу полноправното членство и класичното партнерство, чии детали допрва треба да бидат дефинирани. Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, веќе порача дека моделот би можел да привлече и други земји кои ги делат европските вредности и интереси. Во исто време, додека Унијата бара нови стратешки партнери и на други страни од светот, земјите од Западен Балкан сè уште го чекаат следниот конкретен чекор на својот европски пат
Ќе добие ли Западен Балкан конкретен патоказ кон Унијата или ќе остане во чекалницата додека Брисел гради нови партнерства со земји надвор од Европа? Ова е прашањето што се поставува легитимно откако Европската Унија ја отвори вратата за нов, досега непознат формат на партнерство – придружно членство, прво понудено на Канада, а веќе споменато и како можност за Австралија и Нов Зеланд. Идејата доаѓа во момент на големи геополитички и трговски турбуленции, кога Брисел се обидува да ги зацврсти врските со земји кои ги делат европските вредности и интереси. Канадскиот премиер Марк Карни денеска ја поздрави иницијативата, додека претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, порача дека во „неизвесни времиња“, ЕУ има потреба од повеќе пријатели.
Според политичкиот аналитичар Петар Арсовски, понудата за придружно членство засега е, пред сè, политичка иницијатива, а не целосно разработен институционален модел. Во неа, вели тој, се препознава обидот на ЕУ да го прошири своето глобално влијание и да изгради посилни сојузи во услови на нова геополитичка неизвесност. Истовремено, останува нејасно што би значело ваквото членство во практика.

– Во моментот, таа понуда од Фон дер Лајен е повеќе политичка, отколку целосна, разработена, техничка понуда. Таа е поттикната од потребата да се засили сојузот на ЕУ во една глобална политичка ситуација на исклучителна неизвесност и нестабилност. Во моментот, ниту во повелбата на ЕУ ниту во придружните технички документи, такво членство не е предвидено. За да видиме дали таа понуда е вистинска или не, прво треба да видиме што ќе кажат земјите што се поканети, дали се заинтересирани за тој политички сојуз и каква форма ќе добие тој. Тоа што го слушаме е дека тие се заинтересирани, но не знаеме каде ќе се повлече линијата помеѓу стратешко сојузништво или придружно членство. На пример, ќе воведат ли евро, ќе влезат ли во Шенген-зоната или тоа ќе се заврши на продлабочена соработка, договор за слободна трговија, политички и воен сојуз итн. Соработката би била повеќе симболична отколку суштинска, ниту Канада ниту Австралија немаат копнена граница со ЕУ. Под услов да прифатат. Но, самата понуда за придружно членство праќа неколку суштински пораки, а тоа е дека ЕУ сака да се прошири, да го прошири своето глобално влијание и да контрира на САД, вели Арсовски во изјава за весникот ВЕЧЕР.
Во однос на пораките на Фон дер Лајен за проширувањето и конкретно за Западен Балкан, Арсовски вели дека според него има еден зголемен апетит за проширување, но нема конкретна понуда за земјите од регионот.
Кој друг ќе затропа на вратата на Европа?!
По идејата што ја лансираше претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, од Стразбур, за покана за „придружно членство“ во Унијата на Канада, нејзината колешка, претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, вчера ја надополни со идејата Австралија и Нов Зеланд да го следат истиот пример и да станат придружни членки на ЕУ, во време кога земјите со слични размислувања се стремат да ги зајакнат меѓусебните врски.
– Постојат земји со кои сакаме да го продлабочиме нашиот однос. Не се сомневам дека ова ќе вклучи и други земји и дека други ќе ни затропаат на вратата. Во неизвесни времиња како ова, важно е да имаме пријатели, рече Мецола за „Еуроњуз“ пред говорот на канадскиот премиер, Марк Карни.
Кога беше прашана за техничките детали за придружното членство, Мецола потврди дека дискусиите сè уште се во почетна фаза. Меѓутоа, таа ги спомена продлабочените трговски односи, пристапот до клучни суровини и заедничките прописи за прашања како што се социјалните мрежи и заштитата на малолетниците како можни елементи на соработка.
Канадскиот премиер Карни од говорницата во ЕП ја поздрави идејата неговата земја да стане придружна членка на ЕУ.
– Канада ја поздравува оваа амбиција и можам да ви кажам дека анкетите покажуваат дека огромното мнозинство Канаѓани поддржуваат многу поблиски врски со Европа, изјави тој пред Европскиот парламент во Стразбур, каде што беше пречекан со долг аплауз.
Канада и ЕУ потпишаа сеопфатен трговски договор уште пред една деценија, во 2016 година. Европската Унија веќе има трговски договори и со Австралија и Нов Зеланд, што може да биде почетна точка за поблиска соработка.
Вашингтон на готовс
Идејата за асоцијативно членство за Канада ја презентираше претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во нејзиниот годишен говор за состојбата на Унијата. Ваквиот предлог доаѓа во услови на трговска војна меѓу Канада и САД, кои воведоа високи царини. По ваквиот потег на најголемиот партнер на Канада, канадскиот премиер Марк Карни изрази интерес за посилни врски со ЕУ.
По објавувањето на европскиот план на Фон дер Лајен, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе разгледа воведување нови царини на Европската Унија доколку ова асоцијативно членство стане „непријателско“.
Фон дер Лајен, во својот говор пред европратениците, рече дека ЕУ сака „да го подигне нивото на односи со Канада на највисоко можно ниво“ и дека Канада и ЕУ мора „итно да ги редефинираат“ своите односи. За Фон дер Лајен, Канада е земја која споделува европски вредности, а односот со неа е „сојуз за иднината“ во нов свет во кој мора да се изградат „глобални коалиции“ за отпорност на демократиите.
На оваа покана од Фон дер Лајен ѝ претходеше и изјавата на канадскиот премиер претходните денови, кога тој изјави дека Канада сака „единствен сојуз со Европската Унија“.
Но, додека Унијата размислува како да ги продлабочи односите со земји од другата страна на Атлантикот и со сојузници во Индопацификот, се отвора и прашањето што значи ова за нејзината досегашна политика на проширување. Во услови кога ЕУ создава нов круг на стратешки партнери надвор од своите географски граници, додека процесот на проширување кон регионот повторно се движи бавно, за Западен Балкан, кој со години чека конкретен напредок кон членството, новиот концепт носи повеќе прашања отколку одговори.
Во однос на овој регион, Фон дер Лајен од Стразбур само најави дека ќе бидат подготвени „патокази за најнапредните кандидати“ и упати надежни пораки за „чувство на припадност“ и за живоста на европската идеја. Таа рече дека иднината на Украина, Молдавија и Западен Балкан е во Унијата, дека процесот ќе продолжи да се заснова на заслуги и дека почитувањето на европските вредности не е предмет на преговори. (В. С. Н.)












